Оффест вечерва продолжува со настапи на Саул Вилијамс од Лос Анџелес и на бендот Батида на диџејот Педро Кокенао од Ангола во Денсинг салата на Младинскиот културен центар (МКЦ).
Вилијамс е поет, рапер и хип-хоп изведувач, кој во Европа доаѓа специјално за два концерта – во Скопје и во Љубљана. Роден во 1972-ра, Вилијамс се прославува преку поезија во средината на 90-тите години, кога издава неколку збирки и албуми. Пробивот на музичката сцена го реализира со деби-албумот „Аметист рок стар“ од 2001-ва, а годинава го издаде својот петти студиски албум со наслов „Мартир лузер кинг“.
Кокенао, кој живее во Португалија и има интернационална репутација, ќе настапи со специјален перформанс во кој ги користи старите ритми и песни од Ангола измиксани во видеопроекција. Како што стои во најавата од програмата на Фестивалот, Батида влече корени од минатото, комбинира семплови на анголски песни од 1970-тите години, со модерни електронски денс-влијанија. Во неговите настапи вклучува танчери, перкусионисти, видеопроекции и фотографии од улиците на Ангола, војната и фрагменти од живтотот на племенските заедници.
Утре на Оффест е африканскиот состав „Пет Томас и Квашибу ареа бенд“ од Гана. Томас е најпознатиот претставник на т.н. хајлајф музика, која во 1960-тите и 1970-тите била носечки музички стил во Африка. Пред неговиот концерт ќе биде прикажан и документарниот филм „Who Is Highlife?“ за музичката сцена во Гана.
На последната вечер, во понеделник, ќе настапи познатата бразилска пејачка и гитаристка Бади Асад, а Фестивалот ќе го затвори италијанскиот бенд „Канцониере Греканико Салентино“ кој ги следи традициите на т.н. таранта од јужна Италија.
Покрај концертите, во сите фестивалски денови во галеријата на МКЦ ќе има мултимедијална изложба за сите гостувања во изминатите 14 изданија на Оффест.
Годинашниот 15. Оффест почна вчера со соло-концертот на чешката пејачка и виолинистка Ива Битова, која живее и работи во САД. По неа, во Метрополис арената, настапи францускиот бенд Сен Жермен.