Музичари од Индија, Франција и Италија вечер на ОФФест

Од:

На претпоследниот фестивалски ден на 17. ОФФест, вечер од 20 часот во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар ќе настапат триото „Бармер бојс“ од Индија и француско-италијанското дуо „Транс-Аеолиан трансмисион“.

Тројцата музичари од „Бармер бојс“ ги продолжуваат вековните музички традиции на Манганиерите и се глобални амбасадори на современиот фолклор на Раџастан и суфи-музиката.

Групата е формирана во 2011 година за време на фестивалот „Amarrass Desert Music“ во Њу Делхи, за потоа да ја маѓепса публиката на фестивалите и клубовите низ Индија, Северна Америка, Европа и Азија. Нејзиното интернационално деби беше на фестивалот Роскилде во 2014 година.

– Триото е предводено од Манџи и Раис. Манга „Манџи“ Кан потекнува од семејство на славни пејачи, а со својот огнен глас подеднакво пее традиционални марвари свадбени песни и суфи „кјовали“, а свири и хармониум. Раис Кан е надарен млад музичар кој е волшебник на повеќе инструменти, соопшти ОФФест за концертот на индиското трио.

Од 21.30 часот во кино „Фросина“ во МКЦ ќе настапи дуото „Транс-Аеолиан трансмисион“ на двајца музичари – Франсоа Камбузат – ветеран од медитеранската панк и авант-рок сцена, и басистката Џана Греко од италијанската електрична музичка сцена.

На нивниот концерт ќе биде прикажан и документарен филм за патување што самите го снимиле додека престојувале во длабочините на пустината Такламакан, планините Каракорам, градовите од Патот на свилата… и средбите што ги имале со музичари од различни светови.

Би можело да ве интересира

Четврта завршна вечер на OFFest 2023

Ана Ололовска

Почнува 22. издание на ОФФ-Фест

Ана Ололовска

Во продажба билетите за 22 ОФФ-Фест

Ана Ололовска

„Скопски џез фестивал“: Го откажуваме 22. издание на „OFFest“

Ана Ололовска

Последна вечер на 21. OFFest

Ана Ололовска

Македонска вечер за почеток на Offest

Ана Ололовска