Младите ликовни творци од училиштето 1188 од Москва и уметничкото училиште „Симпли Арт“ од Хонг Конг се прогласени за најдобри учесници со најдобри ликовни колекции на годинешната меѓународна детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“.
На свеченото затворање на 33-то издание на светски познатата ликовна манифестација, наградата за најмлад учесник „Богомил Карлаварис“ е доделена на осумгодишниот Лау Кинг Џи од Хонг Конг, кој по четврти пат престојуваше во Битола.
– Годинава на ликовните каравани кои беа на високо ниво, а се одржаа во Битола, Охрид и Крушево, беа изработени 500 цртежи. Сите констатиравме дека годинешното 33-то издание е едно од најдобрите во историјата на „Мал битолски Монмартр“. Младите ликовни амбасадори претпладнево и утре ќе ја напуштат Битола, а 13 од нив в година ќе бидат повторно тука бидејќи им доделивме посебни признанија, специјални покани за гостин-учесник на следното 34-то издание, истакна одновачот на „Мал битолски Монмартр“ Коста Хаџиантоновски.
Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола по завршувањето на колонијата продолжува со подготовки на следните меѓународни ликовни фестивали, а според календарот на настани првото учество е во месец август кога три деца од Битола ќе престојуваат во Хонг Конг. Веднаш потоа младите битолчани по 15-ти пат ќе гостуваат во Евора, Португалија на тамошниот ликовен фестивал за деца, потврди Хаџиантоновски.