Младинскиот оркестар на Европската унија (European Union Youth Orchestra-EUYO) вечер ќе одржи концерт во Македонската опера и балет, како дел од манифестацијата „Скопје се сеќава“ и одбележувањето 50 години од скопскиот земјотрес.
Концертот го организира Дирекцијата за култура и уметност со поддршка ма Министерството за култура и од Делегацијата на ЕУ во Скопје. Тој е ексклузивна содржина на годинашното „Скопско лето“ кое официјално заврши пред 20 дена.
На сцената на МОБ ќе бидат 120 музичари на EUYO од сите 28 земји-членки на ЕУ, а концертот ќе го води Данецот Томас Сондергард, кој е главен диригент на Би-Би-Си Националниот оркестар на Велс. Тоа ќе биде нивно прво гостување во Македонија, во рамки на летната турнеја низ Европа.
Оркестарот ќе свири три класични дела: концертниот валцер „Покана за танц“ на Вебер, суитата од „Приказна од западната страна“ на Бернштајн и балетот бурлеска „Петрушка“ на Стравински, верзија од 1947.
Извршниот директор на Оркестарот Маршал Маркус вчера на прес-конференција рече дека членуваат млади до 25 години кои се избираат на годишни аудиции кои траат од октомври до март во земјите на ЕУ.
– Членуваат во овој оркестар кога студираат и стануваат професионални музичари и тоа е значаен, транзициски период во нивниот живот. Кога гостуваме, за нас е важно да донесеме музичка совршеност и да ја презентираме Европската унија која е создадена за мир, а опиплива метафора за тоа се различните култури заедно на сцената, рече Маркус.
Со гостувањето во Македонија, EUYO ќе почне и партнерство со „Скопско лето“ и Музичката младина на Македонија и тригодишна програма 2013-2015, наречена „Проект Македонија“. Целта е да се продлобочи соработката помеѓу Младинскиот оркестар на ЕУ и културните инситуции во Македонија.
Младинскиот оркестар на ЕУ е најдинамичниот во светот, кој за околу 3.000 студенти бил мост за поврзување од музичките академии со професионалниот музички свет. Дипломците од EUYO ја продолжуваат својата кариера во водечки светски оркестри и имаат кариери како солисти, диригенти, композитори и наставници по музика.
Основан е во 1976 од Џој Брајер, со поддршка од Програмата за култура на Европската унија и од владите на земјите-членки на Унијата. Прв музички директор на оркестарот бил Клаудио Абадо, а актуелен е Владимир Ашкенази. Оркестарот, кој е амбасадор на културата на ЕУ, има настапувано во цел свет со најдобрите имиња во класичната музика.