Младинскиот културен центар вечер ќе ја промовира обновената галерија, со што ќе го одбележи светскиот ден-роденденот на уметноста и 40-те години од своето постоење.
Во галеријата ќе биде поставена изложба на дела од трите генерации ликовни уметници на семејството Коџоман – основоположникот на македонското современо ликовно творештво Вангел Коџоман и неговите наследници Милош и Вангел.
– По четири децении, галеријата на МКЦ конечно го доби својот нов лик. Согласно пропишаните галериски стандарди во најетаблираните галериски и музејски простори во Европа и светот, сите неопходни нешта и опрема веќе се дел од новата галерија, со што покрај новоизградениот Музеј на современата уметност во Загреб, галеријата при МКЦ ја чинат единствен галериски простор од ваков вид на Балканот, соопшти МКЦ.
Покрај изложбата, за роденденот ќе има и поетски фестивал „Песнило“ со учество на повеќе млади поети, а во кината „Милениум“ и „Фросина“ бесплатно ќе се прикажува 24-часовен филмски маратон.
Роденденот ќе заврши со музичка програма во денсинг салата на МКЦ, каде ќе настапат: Протагонист од Гостивар, Паркети од Битола, Д Далтонс од Скопје, Conquering Lion од Тетово, Канда Коџа и Небојша од Белград.
Манифестацијата со која на 18 јануари се одбележува роденденот на уметноста во светот се одржува од 1963 година, а трета година во Македонија. МКЦ е единствена установа од културата во земјава која е дел од интернационалната мрежа The Arts Birthday.