Министерството за култура ќе ја поддржи нововостановената награда „Виртуози“, во организација на Сојузот на композиторите на Македонија, на која првпат годинава ќе бидат доделени признанија за најдобрите во повеќе области од културното живеење.
Наградата е востановена врз основа на иницијативата на СОКОМ, Македонската филхармонија, Македонската опера и балет и Министерството за култура на Република Македонија.
– Организацијата на манифестацијата од ваков вид, која ќе ги вреднува реалните достигнувања во областа на културата и уметноста, ќе биде вистинско освежување и ќе внесе дополнителен импулс во популаризацијата на културното живеење во земјава, информираат од Министерството за култура.
Првото издание на манифестацијата „Виртуози“ ќе се одржи на 2 март на сцената на МОБ, а петнаесетина национални установи, високообразовни институции и здруженија на граѓани од областа на музичко-балетската уметност веќе ги испратија своите предлози за една од наградите.
Во категоријата „музички организатор“ номинирани се националните установи Македонска опера и балет, Македонска филхармонија и Охридско лето. Во категоријата „камерен ансамбл“ номинирани се Дуо Кировски, Мјузик прогресив квартет и Трио Интерарт, а за најдобар „музички публицист“ ќе се избира меѓу Аида Ислам, Марко Коловски и Васка Наумова-Томовска. Во трка за категоријата „млад музички уметник“ се Дино Имери, Александар Коловски и Софија Никоска, а за категоријата „голем ансамбл“ се Македонската опера и балет, Македонската филхармонија и Мешаниот хор Драган Шуплевски.
Во шестата категорија „музичка манифестација“ номинирани се Денови на македонската музика, Охридско лето и Скопско лето. За најдобар „музичко-сценски уметник“ ќе се избира меѓу Ана Дурловски, Весна Ѓиновска-Илкова и Александра Мијалкова. Во категоријата „композитор“ номинирани се Дарија Андовска, Фатос Лумани и Александар Пејовски, во „меѓународна афирмација“ Ана Дурловски, Благој Нацоски и Симон Трпчески, а во категоријата „музички изведувач“ Марија Вршкова, Ана Гацева и Љубиша Кировски.