Министерството за култура и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска потпишаа меморандум за соработка со што ќе се отпочне со мапирање на креативните индустрии, идентификација на млади и трансфер на знаење кое ќе биде во корист на двете страни.
Меморандумот го потпишаа министерот за култура и туризам Зоран Љутков и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Биљана Ангелова.
— На иницијативата на Министерството и Институтот за социолошко и правно-политички истражувања, започнуваме едно истражување во кое што Институтот за социолошко и правно-политички истражување има долгогодишно искуство. Тоа е делот на креативните индустрии. Практично, со ова истражување, почнуваме со мапирање на креативните индустрии, идентификација на млади, талентирани кадри, како трансфер на знаење и обуки кои ќе бидат од корист за двете страни. Со овој проект покажуваме дека е можна синергијата меѓу културата, образованието и науката, нагласи ректорката Ангелова.
Креативните индустрии, како што посочи Ангелова, стануваат значаен економски сектор, бидејќи иницираат самовработување и овозможуваат отворање на нови работни места.
— Денес креативните индустрии стануваат многу значаен економски сектор со самото тоа што иницираат на самовработување, со самото тоа што овозможуваат отворање на нови работни места, а ние токму со оваа соработка ги помагаме во креирањето на политиките коишто се однесуваат на креативните индустрии и во пренесувањето на знаењето на ова поле, додаде Ангелова.
Потпишувањето на овој меморандум, според министерот Љутков, е заедничка определба со цел да се поврзат културата и образованието како носители на иднината на секое општество, како на теоретско, така и на практично ниво.
— Со овој меморандум ние создаваме и рамка за заедничка соработка на повеќе нивоа, изработката на стратешки документи, политики за развој, како што спомна и ректорката, една од нашите најважни гранки во културата, тоа се креативните индустрии и вклучување на студентите во практична работа во институциите од културата. На овој начин отвoраме и можност за нови истражувања, размена на искуства, како и реализација на заеднички проекти. Воедно сакам да нагласам и дека овој документ е дел од нашата поширока стратегија за професионализација на културниот и туристичкиот сектор и зголемена вклученост на младите во културните процеси. Верувам дека ова партнерство ќе даде и конкретни резултати, а потпишувањето на овој меморандум ќе биде и почеток на една нова и значајна етапа во развојот на културната и образовната политика во Македонија, посочи Љутков.