На меѓународниот поетски митинг „Мостови“ што традиционално секоја година се одржува на Мостот на поезијата во Струга вечер ќе бидат врачени наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ во рамки на 52. издание на Струшките вечери на поезијата.
Годинашниот лауреат мексиканскиот поет, романсиер, преведувач и критичар Хосе Емилио Пачеко е 48-миот добитник на највисокото признание на фестивалот, кое се состои од филигрански изработен лавров венец. Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата за 2013 година ќе му биде доделена на Ристо Јачев за стихозбирката „Помнам“. Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант ќе и биде врачено на македонската поетеса Николина Андова за дебитантска книга „Влезот е од другата страна“.
Покрај добитниците на наградите, на поетскиот митинг ќе настапат и поети од разни страни на светот.
Педесет и вториот поетски фестивал свечено беше отворен во четвртокот со традиционално читање на Константиновата „Т’га за југ“ и палење на фестивалскиот оган, а по поетското читање „Мостови“, следните два дена учесниците ќе го посетат Скопје и други градови низ Македонија. На 52. издание на Струшките вечери на поезијата, кое почна во четвртокот, а ќе трае до 27 овој месец, покрај од Македонија учествуваат и 50-тина странски поети.
Наградата „Златен венец“, првпат е доделенa во 1966 на рускиот поет Роберт Рождественски за најдобра песна, а од 1971 година, кога лауреат бил американскиот поет Вистан Хју Одн, Златниот венец се доделува за творештво.