Претставници на државниот комитет за малцинства при албанската влада во Министертвото за култура во Тирана имаа средба со Ариан Арвизи, директор на Секторот за зачувување и промовирање на културното наследство. На средбата, меѓу другото, е побарана подршка за проектите на друштвата на малцинствата.
– Од наша страна беше побарано, да има посебен ден за малцинствата во Календарот на културни настани, активност финансиски подржана од Министерството. Наша цел е секое малцинство на тој ден да си ја промовира својата култура: народна носија, оро, книга, некои специјалитети и слично. Очекуваме пролетва да го реализираме овој проект, изјави за МИА, Нико Китани, претставник на македонското малцинство во Комитетот и учесник на средбата.
Во исто време, додава Китани, побарано е Министерството да ги поддржи проектите на етничките друштва за промовирање на нивната култура, обичаи и традиции.
Од Македонското друштво „Илинден“ потврдуваат дека до сега Министерството не поддржало ниту еден проект на македонските друштва.
– Владата треба да има предвид дека и ние Македонците во Албанија треба да добиваме проекти. Ние сме лојални граѓани и ги плаќаме сите даноци, но пари за наши проекти нема. Можеби сепак нешто годинава ќе се измени, вели Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Тој додава дека Македонците имаат потреба од подршка на нивните проекти кои се однесуваат на негување на традициите на Македонците што живеат во Албанија.