Македонскиот центар во Њујорк реализираше 9 настани годинава

Од:

Македонскиот центар во Њујорк од почетокот на годинава организираше девет настани кои се со поддршка од Министерството за култура. До крајот на годинава имаат во план да реализираат уште 13 настани на кои се претставуваат проектите на македонските уметници.

Од Министерството за култура информираа дека од особено значење за Македонскиот културен центар во Њујорк е отворањето на новиот простор, кое се очекува да биде до крајот на годинава, а истото значително ќе го зголеми изложбениот капацитет на центарот.

„Следната година во негова близина е предвидено отворање на Градина на скулптурата, во која на отворено ќе се организираат изложби на скулптури на македонски и на уметници од светот“, информираат од министерството.

Досега целовечерни концерти во светската престолнина одржаа пијанистките Ана Гацева и Ема Потевска, додека пак голем интерес имало и за концертите на Дуке Бојаџиев и Васко Дуковски. Од областа на ликовната уметност, особено внимание во јавноста предизвикаа проектот на Роберт Јанкуловски и Моника Мотеска „Натура морта“ и изложбата „Македонски фолклор“ на Гордана Вренцоска.

До крајот на годинава, во Центарот кој е познат под името „ Gallery MC“, ќе се реализираат уште 13 проекти меѓу кои: изложба на студентски плакат „Скопје постер“ во организација на „Плакарт“, изложбите „Уметност на хартија“ на Владимир Темков, Ангел Димовски, Борис Шемов, Игор Сековски и Радмила Ончевска, на Константин Качев, изложбата „Африка прв пат“ на Марин Димески, како и самостојната изложба „Сингулар“ на македонскиот уметник Антони Мазневски.

Темјана Поповска

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање