Македонската култура ќе биде претставена на 11-тиот фестивал „Културни предели“ (Culture scapes) во Швајцарија, што ќе се одржува од 19 октомври до 6 декември. Македонија ќе биде меѓу осум балкански земји чии уметници ќе учествуваат со своите проекти во градовите Берн, Цирих, Базел, Винтертур и Аарау.
На манифестацијата ќе учествуваат Влатко Стефановски, кој заедно со Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов ќе има концерт во црквата Св. Петар во Цирих, Тони Китановски и неговиот квартет, кои ќе настапат во џез-клуб во Базел, композиторката Дарја Андоновска, која ќе го претстави делото „Апорија апоирон“ во изведба на 12-член мешан хор во рамки на проектот Musma, ликовниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, кој ќе учествува во група изложба „Балкан“, и Бујар Љума од Центарот за балканска соработка „Лоја“.
– Верувам дека нашите уметници ќе го испровоцираат вниманието на швајцарската публика и дека ова претставување ќе биде уште еден успех за македонската култура, рече на прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Таа истакна дека учеството на овој фестивал е меѓу низата успешни претставувања на македонската култура годинава во светските центри, како комплексни манифестации или како поддршка на уметници-поединци.
Посочи и на македонско-швајцарската културна соработка, за која пример е гостувањето на 12 дизајнери на штотуку завршената Недела на дизајн во Скопје, на која Швајцарија беше земја во фокусот.
Амбасадорот на Швајцарија во Македонија Стефано Лазарото истакна дека годинашниот „Културни предели“ обединува творци од земјите на Балканот и разновидни уметности – музика, театар, ликовно творештво, а покрај тоа и дебати и работилници. Целта на настанот, на кој ќе има и гости-учесници од Швајцарија, е да се промовираат културите и разбирањето меѓу земјите.
– Македонија е меѓу осум земји кои ќе учествуваат на фестивалот. Тој ќе има 342 настана и буџет од 1,8 милиони швајцарски франци. Секоја земја се претставува со својата култура, а швајцарската публика ќе има можност да види разновидност од овој регион. Фестивалот е уникатна можност Македонија да ја презентира својата богата култура, рече амбасадорот Лазарото.