Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска престојува во Италија каде што ќе присуствува на Македонскиот ден во рамки на 45. филмски фестивал за деца и млади „Џифони искуство“, кој од 17-ти до 26 јули се одржува во градот Џифони.
– Во рамките на посетата, министерката за култура ќе оствари работна средба со градоначалникот на градот Џифони, Паоло Русомандо. На средбата на која ќе присуствуваат и амбасадорот на Република Македонија во Република Италија, Оливер Шамбевски, како и директорот на Агенцијата за филм, Дарко Башески, ќе стане збор и за можностите за соработка во областа на филмската дејност. Канческа-Милевска ќе ги посети и 12-те млади луѓе од нашата земја кои учествуваат на фестивалот каде што активно творат и учат за филмската уметност, за културата и уметноста, информира Министерството за култура.
Канческа-Милевска вечер во салата „Лумиер“ ќе ги поздрави учесниците на претставувањето на македонската кинематографија и култура во рамките на Македонскиот ден на фестивалот „Џифони“. На настанот ќе бидат презентирани четири кратокметражни филмови од најновата македонска продукција: „Човекот што имаше чудна навика да ме удира со чадор по глава“ во режија на Вардан Тозија, „Гејм овер“ на Никола Танчевски, „Вистинска приказна за Хансел и Гретел“ во режија на Гоце Цветановски и „Внатре“ во режија на Иван Ивановски.
Манифестацијата „Џифони искуство“ е еден од најголемите брендови на Италија на која учествуваат повеќе од 2000 деца од 39 земји од светот кои имаат можност да проследат многу филмови, да го учат и усовршуваат процесот на создавање филм, а истовремено да се дел и од жири кое одлучува за избор на најдобриот филм што се прикажува во рамките на фестивалот.
– Република Македонија веќе 14 години е присутна на овој фестивал, а три години македонската метропола е домаќин и на регионалниот фестивал „Џифони-М“ со кој даваме свој придонес во развојот и афирмацијата на светската кинематографија за млади, како и во развојот на филмската култура на младата популација на меѓународно ниво, соопшти Министерството за култура.