Македонска вечер за почеток на Offest

Од:

Отворањето на дваесет и првото издание на OFFest (1-4 јуни), односно првата фестивалска вечер, ќе биде целосно во знакот на домашните артисти. OFFest 2022 ќе го отвори извонредниот македонски етно состав PERIJA, како и маестралниот тандем на две наши исклучителни творечки фигури DOBRILA & DORIAN DUO, со домашна концертна премиера на музичкото ремек-дело, албумот „Апокриф“ (SJF Records).

PERIJA е бенд формиран во 2015 година. Своите почетоци ги имаше на улица како импровизирана сцена. Членовите се менуваат низ текот на годините, а бендот останува отворен за конекции и соработки. Перија е македонски збор со турско потекло што значи самовила. Токму таа митолошка врска со темнината на балканските шуми е чувството коешто се обидуваат да го пренесат во својата музика. Идејата е комбинирање на нивните музички влијанија и создавање на фузија: обработување на стари, речиси заборавени песни (некои од нив собирани од пријатели кои патуваат по селата и ги снимаат, а некои најдени во многу стари снимки), со сопствена оригинална авторска музика и аранжмани. Бендот во својот вокален израз употребува различни јазици од Балканот и пошироко, бидејќи веруваат во еднаквоста на културите. Нивните музички влијанија варираат од модерната класична музика, атоналната, пост-панк, рок, метал, психоделичниот транс, па сè до традиционалната музика на Балканот, Блискиот Исток и Северна Африка. Комбинираат западни и источни техники на свирење: музички скали што се користат во традиционалната музика на Балканот, комплицирани макамски скали, па дури и одредени раги од истокот, непарни ритми од Балканот итн. Имаат објавено два студиски албуми и две EP изданија.

Добрила и Дориан ја започнуваат својата соработка уште во 2008 година во Чалгија саунд систем кој до денес е еден од оние бендови што ја негува традиционалната чалгиска музика, но и креира нова, современа музика базирана врз традицоналната чалгија. Нивната заедничка музичка авантура во форма на дуо започнува во 2020 година создавајќи го проектот DOBRILA & DORIAN DUO и првиот заеднички албум наречен „Апокриф“ (SJF Records, 2021), кој уште при самото негово појавување е оценет како ремек-дело. Во него се наоѓаат неколку од најубавите македонски традиционални песни: „Излези, Видо“, „Три години стана“, „Невесто, тенка, висока“, но овојпат со комплетно нов пристап и уникатен „електронски“ поглед кон македонската музика кој ја носи во една поинаква димензија. Сега, наместо познатиот инструментариум на поголемите ансамбли, се слуша само утот, луповите, тишината, импровизациите и раскошната убавина на мелодиите. За привлечноста на овој нов музички изблик уште на самиот почеток на неговото живеење ќе речат: „Смел, искрен и до нота маестрално изведен проект, кој ако го пуштите еднаш, како спирала ќе ве подигне нагоре и по секое пуштање си велите ај, пак!“

Би можело да ве интересира

Четврта завршна вечер на OFFest 2023

Ана Ололовска

Почнува 22. издание на ОФФ-Фест

Ана Ололовска

Во продажба билетите за 22 ОФФ-Фест

Ана Ололовска

„Скопски џез фестивал“: Го откажуваме 22. издание на „OFFest“

Ана Ололовска

Последна вечер на 21. OFFest

Ана Ололовска

В среда стартува 21. издание на OFFest

Ана Ололовска