Здружението за култура и уметност „Иљо Антески-Смок“ од Тетово објави конкурс за најдобра необјавена песна и ликовна творба за деца, млади и возрасни на кој може да учествуваат сите заинтересирани од целата држава. Темата во двете области е „Мајски латици“.
-На конкурсот за најдобра необјавена песна има категории деца, млади и возрасни, а ќе доделиме прва награда, две втори и три трети награди. Песните треба да бидат на македонски јазик. Истите категории и награди ќе ги има и за конкурсот за ликовна творба каде техниката е по слободен избор на авторот, изјави претседателот на Здружението Хаџи Мило Ѓорѓески.
Резултатите за најдобра песна и ликовни творби ќе се објават на 15 април.
-Наградите за најдобра песна ќе се доделат на третиот Меѓународен литературен фестивал „Поетски латици 2020“ што ќе се одржи во Музејот на КПМ во Тетово на 11 мај 2020 во 10 часот. Сите доставени песни ќе бидат поставени во алманах. Наградените од 11 до 13 мај ќе учествуваат на Третиот меѓународен литературен фестивал „Поетски латици“ и ќе присуствуваат на Вториот интернационален фестивал на афоризми, хумор, карикатура и сатира „Насмевки 2020“. За ликовните творби наградите ќе се доделат на 16 мај сабота во Центарот за култура во Тетово каде ќе се прослави патронат и 98 годишнината од ЗКУ „Иљо Антески Смок“, рече Ѓорѓески.
Оние кои сакаат да учествуваат на конкурсот творбите треба да ги пратат до 31 март 2020 на адреса ул.Илинденска б.б /Центар за култура Иљоа Антески-Смок Тетово. Да се назначи: Литературен конкурс 2020 /учество во која категорија или Ликовен конкурс/учество во категорија. Да бидат под шифра зaедно со друг плик од кој на надворешна страна треба да ја напишат шифрата, а внатре во пликот на посебе лист да се наведе име и презиме, наслов на делото, ден, месец и година на раѓање на авторот, за ученици име на училиште и информации за контакт, како телефон и електронска адреса.