По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари, Општина Центар распиша литературен конкурс за учениците од основните училишта во Центар на тема „Моето детство во пандемија“.
Како што информираат оттаму, идејата за литературниот конкурс била инспирирана од глобалната здравствена криза со коронавирусот и нејзиното влијание врз психолошката состојба кај учениците и нивните промени во однесувањето. На конкурсот учествуваа ученици од сите осум општински училишта во Центар, односно, ученици од одделенска настава од трето до петто одделение и ученици кои посетуваат предметна настава.
„Сметавме дека овој литературен конкурс ќе ги поттикне учениците да творат и на креативен начин да ги искажат негативните емоции предизвикани во време на пандемија. Би сакал да им честитам на првонаградените ученици и нивните ментори за успешната работа“ – изјави градоначалникот Саша Богдановиќ
Општина Центар награди вкупно 16 ученици, кои добија Благодарници за нивната успешна работа и подарок книги од Просветно дело, како поддржувач на општинскиот литературен конкурс.
Со почетокот на второто полугодие од учебната година, Општина Центар во соработка со педагошко – психолошките служби во основните училишта во Центар, започна да спроведува тематски часови и консултативни средби со учениците и родителите. Целта е стручните служби да разговараат за актуелни и чувствителни теми, како и насоки за позитивно однесување за полесно справување со последиците од коронавирусот, се наведува во соопштението на Општината.