Уметници од Македонија и Грција со различни уметнички профили ја почнаа реализацијата на 30 дневното дружење и творење во рамките на ИПА-проектот заштита на културно-историското наследство „Жива историја-Жива природа“.
Од општина Новаци информираат дека во уметничката колонија на Мариово вклучени се шест уметници од соседна Грција и осум од државата домаќин, Македонија, а се придружувани од градоначалниците на Алмопиа Димитрис Пасоис и на Новаци Лазар Котевски.
– За време на престојот во општина Новаци, уметниците од двете држави ќе организираат неколку работилници, а ќе ги посететат и значајните културно-историски места и обележја на Новаци како што се мостот и воденицата во селото Зовиќ, куќата на Калеш Анѓа во Старавина, тврдината Пешта и црквата Св.Димитриј во Градешница, Градешка река и самото село Градешница, Чебрен и село Будимирци, и други локации на кои ќе ги инспирираат за создавање на уметнички дела, посочи градоначалникот Котевски.
Уметничката колонија во рамки на проектот „Жива историја, жива природа“ ќе трае вкупно 30 дена, од кои 15 дена во општина Новаци, а втората половина или 15 дена ќе бидат организирани во грчката општина Алмопиа.