„Бунтовниот генерал“ Јупитер Боконџи кој вечер со својот бенд Окуес интернешнал настапува на ОФФест во клубот „Станица 26“, ќе покаже зошто го нарекуваат симбол на музичката сцена на Конго.
Боконџи прави уникатна комбинација на афропоп, традиционална конгоанска музика, фанк и рок. Неговите текстови носат политички или социјални пораки кои ги охрабруваат Африканците во пронаоѓањето на својот талент и потенцијал. Повремено потсетува на африкански Џејмс Браун и токму тој и го врати на Киншаса приматот на главен град на африканската музика.
Бендот на Боконџи е формиран во 1990 година, но првиот албум го издаде дури во мај 2013-та по што веднаш ги доби највисоките критики на светската музичка критика.
ОФФест продолжува утре во МОБ се јужнокореанките „Геомунго фактори“ и словенечкиот кантавтор Зоран Предин, а во четврток, на завршната, последна вечер се „Лас Мигас“ од Шпанија и португалката Кармињо.
Фестивалот се одржува на повеќе локации – Универзална сала, МОБ, Кино Фросина и „Станица 26.“ Почна во петокот со унгарскиот виртуоз на виолина Феликс Лајко. Прикажан беше и документарниот филм „Јупитерс денс“, приказна за животот на музичарите во Конго раскажана преку патување низ гетата на Киншаса. Во неделата публиката уживаше во неповторливиот маестрален Астатке, како и во одличната изведба на „Фолтин“.