Во рамките на манифестацијата „Град на културата за 2018“, денеска, на Градскиот плоштад во Демир Хисар, со почеток во 21:30 часот ќе се одржи музички концерт на Тони Китановски и Черкези Оркестар.
Тони Китановски е роден во Скопје, 1964 година. Своето музичко образование го започнува под менторство на Драган Ѓаконовски-Шпато. Во периодот од 1990 до 1997 година Китановски заминува за Бостон каде што ги продолжува студиите и својата професионална кариера. Благодарение на исклучително ретко доделуваната награда „Роберт Шер“ во форма на полна стипендија дипломира џез композиција на престижниот Беркли колеџ (Berklee College of Music), каде ќе изучува композиција под менторство на Грег Хопкинс и Херб Померој, специјални студии по композиција и аранжирање со Денис Грило (ученик на Пол Хиндемит), учествува на семинари по композиција на Ѓорѓи Лигети и Лучијано Берио на Конзерваториумот на Нова Англија и Харвард.
После 1997 година се враќа во Македонија и продолжува да ја гради својата кариера. Покрај професионалниот ангажман на домашната и на светска сцена и како гитарист, водач на состави и композитор, издавање и продуцирање албуми за домашни и на странски издавачи, своите музички искуства ги пренесува на помладите надежни колеги и колешки. Автор е на голем број композиции за џез состави, симфониски дела и филмска музика за четири играни филмови (домашни и странски продукции), дваесетина документарни филмови, перформанс, театар и современ танц.
Во 2006 година заедно со Черкези оркестарот ќе го издадат нивниот прв заеднички албум Borderlands” (Гранична земја) кој ќе и го открие нивниот креативен потенцијал на пошироката публика за што ќе добијат пофалби како од публиката така и од критичарите. Овие пофалби ќе резултураат со голем број на покани од џез и музички фестивали од цела Европа, со што ќе им се пружи прилика да го изоштрат својот звук и да го прошират својот репертоар. Сето тоа ќе резултира со втор студиски албум во 2011 година именуван „Шукар“ кој ќе го одбележи и продолжувањето на нивната соработка со Enja Records (Енја Рекордс) од Минхен.
Групата соработувала со режисерката Петра Селишкар за нејзиниот филм “Мојот свет е наопаку” како и со режисерот Иво Трајков за неговиот игран филм “Филм”.
Бендот е насочен кон истражување на внатрешниот пулс на ритамот наречен “clave” и неговите неброени модификации. Овој внатрешен пулс на ритамот е роден во Африка одтаму се шири во Америка, Средниот Исток и е исто така чест во музиката на балканските роми.
Едно од најреномираните светски музички списанија легендарниот „Ролинг стоун“ ќе го оцени новиот албум „Шукар“, со четири ѕвездички, оценка што ја добиваат само најдобрите светски музички изданија, својата завршна реченица магазинот ќе ја заврши со зборовите: „Југоисточна Европа ретко кога звучела олку космополитски!“. Додека пак Stuttgarter Zeitung ќе забележи: Тони Китановски и Черкези оркестарот прекрасно ја раскажаа прикаската за тоа што Западот и Истокот можат да создадат заедно … додека ритмичката енергија на перформаносот ја остави публиката без друг избор освен да танцува“.