Тенорот од Хрватска Стијепо Глеѓ Маркос вечер ќе одржи концерт на духовна музика во Католичката катедрала „Пресвето срце Исусово“ во Скопје. Овој проект е поддржан од Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска.
Како што информира Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, во рамки на проектот синоќа во Галеријата „КО-РА“ беше отворена самостојната изложба „Поглед“ на академскиот сликар од Дубровник Ивана Јовановиќ Тросман.
Изложбата ја отвори професорката од Универзитетот од Дубровник д-р Катја Бакија, која е автор на освртот во каталогот кон изложбата. На изложбата се обратија професорот Јозо Сердаревиќ, духовниот говорник патер Винко Маслаќ, а стихови читаше Јела Надрамија.
Од име на Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје и Галеријата „КО-РА“ се обрати Виолета Калиќ, историчар на уметноста.
– Оваа културна соработка ги здружува двете земји преку уметноста, Република Северна Македонија и Република Хрватска, особено во рамки на програмата за интеграција на земјата во евроатлантските процеси, со што се отвараат бројни можности за забразан развиток во сите сфери на живеењето и дејствувањето преку најразнородни заеднички проекти, изјави Калиќ.
На изложбата присуствуваа претставници на Амбасадата на Република Хрватска во Република Северна Македонија, претставници на повеќе институции од земјава, поети, уметници, а целосно беше снимана од екипата на Хрватската tелевизија од Дубровник.