Изложба на акварели од уметницата Симонида Филипова-Китановска, со наслов „Птичја градина“, ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во „Мала станица“.
Поставката содржи 80 акварели. Филипова-Китановска е сликарка со препознатлив експресивен ликовен јазик во нејзините масла на платно. Овој пат таа се претставува во една друга техника – акварелот.
– За уметницата, акварелот нема други граници освен нашите. Ги користи цветчето и птиците како тема за трансформација во апстрактни форми, а потоа создава нова фигура, со своја симболика. Колоритот доминантно е потопол и звучен по интензитет, додека сините и ладни бои зрачат со светлина и го зголемуваат пулсирањето на животот во сликата – се вели во соопштението за изложбата. Симонида Филипова-Китановска е родена во 1965 г. во Скопје.
Дипломирала на ФЛУ-Скопје, во класата на Димитар Кондовски и Родољуб Анастасов. Членка е на ДЛУМ од 1988 год. Добитничка е на повеќе ликовни награди.