Фановите на Тоше Проески – Македонија поднесоа иницијатива до Совет на Град Скопје во која бараат новиот објект на Универзална сала да го носи името Тодор Тоше Проески.
– Во моментот кога најавивте изградба на нов културно-забавен центар на местото на Универзалната сала, кај нас се роди желба за негово ново име. Името и делото на Тодор Тоше Проески ги „урнаа“ граници ширум Балканот и Европа и оставија незаборавен белег за гордоста на нашата држава. Сите ние сме сведоци за многубројните хуманитарни акции, спасени детски животи, донации за болници, спортски сали, училишта и хуманитарни концерти од кои најголемиот дел беа одржани токму во таа Универзална сала. Не сме заборавиле и на рекордната посетеност на неговите концерти во Универзална сала – тој е единствен кој успеа да ја наполни пет пати по ред во една седмица, стои, меѓу другото, во иницијативата на Тошевите фанови.
Тие додаваат дека и други великани на македонската музика и уметност заслужуваат достојно спомен-обележје, но дека живееле и растеле со музиката и делата на Тоше и затоа, пишуваат тие, „неговото име заслужува да биде на место каде ќе се шири песна, забава и љубов“.
Минатиот месец беше највено дека Универзална сала нема да се реконструира, туку на нејзино место ќе се гради нова сала. Нов објект наместо реконструкција на стариот е одлука на Владата поради дотраеноста на речиси 50 години старата Универзална, која не може да издржи доградба каква што е потребно, и за да се зголеми двојно капацитетот на седиштата кои сега се 1.500. Министерството за култура ќе ги почне подготовките за конкурс за идејно решение по завршување на локалните избори.