По изградбата на Стариот скопски театар, уште две нови инвестиции на државата во театарската уметност ќе почнат да се реализираат во следните два месеца – обнова на театарот во Струмица и изградба на Турскиот театар во Скопје, најави денеска премиерот Никола Груевски.
– Веќе очекуваме во септември, најдоцна почетокот на октовмри да започне реконструкцијата, но тоа е речиси изградба на нов театар во Струмица, на параметрите од стариот татар со оглед дека објектот до темел е изгорен и има многу малку остатоци. Избрана е веќе фирма-изведувач.
Остануваат оние рокови за жалба така што се надеваме во рок од околу еден и пол до два месеца да почне градбата на театарот во Струмица. Исто така, во финиш сме на подготовките да започне и градбата на Турскиот театар во Скопје, рече премиерот Груевски по посетата на локалитетот Скупи, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде и дека Министерството за култура е во завшни подготовки за објавување конкурс за јавно приватно партнерство доколку, како што рече, се најде приватна компанија за јавно приватно партнерство со државата, за изградба на објекти за Драмскиот театар и за МНТ-Центар.