Ископувањата на стариот римски театар на археолошкиот локалитет Скупи ќе траат наредните две-три години по што ќе следи негова конзервација и реставрација и објектот ќе може да се користи како сцена за културни случувања, изјави денеска премиерот Никола Груевски кој го посети археолошкиот локалитет крај Скопје.
Посочувајќи на археолошките сознанија, тој рече дека Скупи бил најголем град во римскиот период на територијата на денешна Република Македонија, дури двапати поголем од Стоби. Се простирал на површина од околу 44 хектари и во тој дел влегуваат објектите што биле во тврдината, а објекти имало и надвор од неа. Исто така, додаде, има наоди дека тука постоел и стар римски театар со капацитет за публика од девет илјади лица.
– Министерството за култура и институциите што се занимаваат со овој проект се посветени на завршување на истражувањата кои ќе продолжат во наредните две до три години. Владата тоа го поддржува. Верувам дека ќе се заврши успешно, како и конзервацијата со реставрација. Кога сето тоа ќе заврши, тоа ќе биде објект кој ќе има големо културно, меѓутоа и туристичко значење, како место на кое ќе се одржуваат различни фестивали, музички настани и други културни манифестации, рече Груевски.
Претседателот на Владата при посетата на локалитетот Скупи каде е отпочната реализацијата на проектот за археолошки истражувања, конзервација и реставрација на римскиот театар, беше придружуван од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ.