Македонија ќе ја претстави својата богата драмска уметност преку настапите на неколку професионални театри кои се планирани за втората половина на годинава на европски и светски сцени и на меѓународни фестивали. Гостувањата на МНТ, Драмски театар, НТ Битола и Театар „Комедија“ се поддржани во Годишната програма на Министерството за култура.
Драмскиот театар-Скопје ќе гостува во Виена во рамки на Деновите на македонската култура во Австрија по повод одбележување 20 години од воспоставувањето дипломатски односи со Република Австрија. Нашиот театар ќе ја изведе претставата „Последните Македонци“ на режисерот Сашо Миленковски во престижниот театар „Акцент“ во Виена.
Македонскиот народен театар ќе гостува во Хрватското народно казалиште во Загреб со три претстави од нивната најнова театарска продукција, а Народниот театар од Битола во октомври ќе гостува во Националниот театар во Пекинг со претставата „Хенри Шести (трет дел)“.
Министерството за култура соопшти дека ќе поддржи и претставување на македонската уметност и култура во земјите во кои живеат голем број македонски иселеници.
– Во таа насока е и гостувањето на театарот „Комедија“ во театарот „Meadowvale“ во канадскиот град Мисисога со претставата „Стујардеси“ во режија на Синиша Евтимов. Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп, пак, ќе гостува во Австралија, во градовите Сиднеј, Мелбурн, Канбера, Бризбејн, Њукасл, Вологонг и Аделенд. За време на турнејата театарот ќе гостува со претставите „Крпен живот“ и „На два стола“, а ќе биде изведена и претставата „Волшебникот од Оз“, што претставува прво гостување на македонски театар со детска претстава во Австралија, информира Министерството за култура.
Министерството потсетува и дека годинава го поддржа учеството на Турскиот театар со претставата „Госпоѓица Јулија“ на Балканскиот театарски фестивал и на фестивалот „Нулифер“ во Бурса, Турција, каде што во првата половина од годинава гостуваше и Албанскиот театар со претставата „Генерал на мртвата војска“.