Директорката на Агенција за филм на Република Македонија, Мими Ѓорѓоска Илиевска вчера се сретна со креаторот и уметничкиот директор на Фестивалот „Џифони искуство“ Giffoni Experince, Клаудио Губитози.
Од Агенцијата за филм денеска соопштија дека Губитози на средбата го изразил своето задоволство од досегашната соработка. Ѓоргоска Илиевска истакнала дека особено и е чест што соработката со Фестивалот „Џифони искуство“ продолжува и во наредниот период и ќе има многу нови активности не само за младите од Македонија и пошироко, туку и за самиот бренд „Џифони Република“.
Денешниот фестивалски ден од Сказноверзумот на Џифони, како што се наведува, ќе биде одбележан од неколку случувања.
Од Агенцијата информираат дека по вчерашната прекрасна дискусија со Нурсен Четин Корекен, продуцентката на филмот во селекција „Син велосипед“, денеска најмладите ќе имаат можност да го проследат филмот „Малиот гангстер“ по што ќе следи дискусија, а во МКЦ ќе стартуваат и работилниците предвидени за оваа категорија: Кореодрама, Стрип, Анимација и Pocket Gallery.
Денот на кадетите почнува со проекција на филмот „Кутија“, додека сениорите ќе имаат можност да го погледат „По оној свет“ по што ќе следи дискусија. Од 13 часот во МКЦ гости ќе бидат актерите од „Џган“, како и Губитози и Ѓоргоска Илиевска. Во киното Фросина ќе се одвива проекција на „Панкот не е мртов“.
Вечер од 19 часот е предвидена Интернационалната вечер – Ноќ посветена на филмската музика во изведба на Јаков Наумоски – дел од локалното жири во категоријата кадети. На оваа вечер, сите земји учеснички дел од меѓународното жири ќе имаат можност да ги претстават сопствените култури и обичаи и да уживаат во заедничката дружба, соопштија од Агенцијата за филм.