Ликовниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ за делото „Каде плови овој брод?“ е добитник на наградата за најуспешен автор и дело, презентирано на 10. Биенале на млади уметници, што беше отворено на 9 Мај – Денот на Европа.
Оваа награда третпат ја доделува Музејот на современата уметност Скопје. Годинава темата беше „Солидарност, 50 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје“. Одлуката ја донесе жири-комисијата во состав Благоја Варошанец, претседател, Ива Петрова и Мира Гаќина, членови (кустоси во Музејот на современата уметност Скопје).
Остварувањето на Јовановиќ, Комисијата го оцени како најубедливо достигнување, покрај останатите дела со високи вредности. Наградата авторот ќе ја реализира со средства што ќе бидат одобрени од Министерство за култура, во иднина.
Ѓорѓе Јовановиќ за медиум одбира ѕидно сликарство, мурал. Неговата тема е веќе користена во историјата на сликарството, залутан брод на унесреќени. Одбирајќи современ цртеж како израз, Јовановиќ успешно ги заокружува двете главни линии зацртани во темата на Биеналето, сеќавањето на разурнатиот град и солидарноста, како однос кон другиот во коегзистенција.
Јовановиќ (Скопје, 1980), дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, сликарски отсек (2003). Самостојно изложувал во Скопје (2006, 2007, 2008), Белград (2008), Њујорк (2010) и Грац (2010). Учествувал на повеќе групни изложби во земјава и странство (Истанбул, Виена, Њујорк, Љубљана, Рим, Берлин, Бари, Ротердам, Корпус Кристи, Хелсинки и Венеција). Добитник е на наградата „Денес“ за млад ликовен уметник (2009), Alternative Video/Film, Белград, 2009 и награда на Фестивалот за современи уметности АКТО, Битола (2012).