Генијалниот пијанист Максим Мрвица вечерва на „Охридско лето“

Од:

Со концертот на маестро Максим Мрвица, еден од најпродаваните кросовер пијанисти во светот, вечерва на Античкиот театар, продолжува атрактивната програма на 54. издание на „Охридско лето“.

Мрвица, кој е една од многуте ѕвезди на годинешното фестивалско издание, изрази огромно задоволство што е тука во Охрид, што ќе има можност да настапува пред охридската фестивалска публика, во прекрасниот амбиент на Античкиот театар.

– Мило ми е што успеавме да го реализираме моето прво гостување во Македонија, на овој познат фестивал на кој настапувале големи имиња од светската музичка сцена, особено квалитени пијанисти кои мошне добро ги познавам и го претставуваат самиот врв на светската елита, рече Мрвица.

За програмата на вечерашниот концерт тој рече дека е одбран пресек на неговите кросовер изведби, компилација на атрактивни дела од сите негови десет објавени албуми.

– Отсекогаш сум бил отворен кон експериментирањето во музичкиот израз и претставувањето на класичната музика…Честопати ме прашуваат дали сум класичен или кросовер пијанист, сепак ќе нагласам дека јас сум класичен музичар, кој моментално работи кросовер. Не знам како ќе свирам кросовер во некои поодминати години, единствено знам дека класиката ќе биде константа во мојот живот. Таа е едноставно вградена во мене, рече маестро Мрвица.

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска изјави дека огромен е интересот во јавноста за вечерашниот концерт, не само од македонската публика туку и од странци, потврдена на социјалните мрежи, со најави за доаѓање на љубители на музичката уметност во Охрид специјално за настапот на Мрвица.

– Според мејлови што сме ги добиле и објави на фанови на социјалните мрежи што ги следиме, постои значаен број вљубеници во музиката од Европа кои наменски најавиле доаѓање во Охрид за концертот. Исто тоа се случи за концертот на маестро Володос, истото за отворањето…На почетокот кога ја објавивме програмата најавив дека ќе имаме поблика која ќе дојде за одредени концерти и доколку постои некаква награда за се она што го работиме, сметам дека доаѓањето публика од странство е најголемиот подарок, истакна Јосифова-Неделковска.

Хрватскиот маестрален пијанист Максим Мрвица, „пијанистичкото чудо од Шибеник“, со своите исклучителни изведби молскавично ја освои меѓународната сцена. На 11-годишна возраст го одржал својот прв концерт како солист со оркестар, не престанал редовно да вежба и за време на војната во Хрватска успева дури и да ја освои првата награда на државното натпреварување во Загреб, а потоа стекнал одлична пијанистичка школа на Музичката академија во Загреб, на конзерваториумот „Франц Лист“ во Будимпешта, Националната школа за музика (“Ецоле Натионал дес Мусиљуе“) и конзерваториумот „Александер Скриабин“ во Париз.

Денес Максим Мрвица е еден од најпознатите светски пијанисти и најпродаваниот кросовер-пијанист во светот кој зад себе има 10 студиски изданија, милионски тиражи во повеќе од 57 држави и бројни меѓународни награди и признанија. Својот прв албум „Гесте“ го објави во 1999 година, а неговото следно издание, албумот „Д пијано плејер“ („The Piano Player“), во 2003 година беше објавено за славната издавачка куќа „ЕМИ Класикс“.

Во 2010 година, Максим беше поканет од Шопеновото друштво од Варшава да настапи на концертот во чест на 200-годишнината од раѓањето на композиторот. Сингловите и спотовите на Максим Мрвица звучеа на Олимписките игри во Грција и во Кина.

Комплетноста на неговата сценска појава се согледува и во неговиот посебен моден стил, резултирајќи со соработка со неколку водечки модни куќи, како „Долче и Габана“ во Токио и „Кристијан Диор“ во Париз. Неговата харизма и неизмерлив талент ги привлекоа некои од најголемите светски брендови од калибарот на БМВ, Мерцедес и други.

Би можело да ве интересира

Изложба на кинеска калиграфија отворена во Велес

Во Прилеп завршува МТФ „Војдан Чернодрински“

Двоен „Златен був“ за „Прозаични стихови“ на Али Асгари и Алиреза Катами на 14. Филозофски филмски фестивал

Фестивалот „Преку езерото“ отвора Конкурс за дипломски краткометражен игран или документарен/експериментален филм

Во Кавадарци промовирана книгата „Татков праг“ од Данче Христова Младенова

Од 16 награди на светскиот фестивал во Јесоло -6 за Скопското училиште Кузман

Предраг Петровиќ