Театар Фабрика, формиран од група млади автори, ќе биде отворен в сабота со премиера на претставата „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле која ќе биде изведена на сцената на Драмскиот театар.
Режисерката Ирена Стеријовска денеска на прес-конференција рече дека по повеќе од година ипол ја реализираат идејата за оформување нов независен театар.
– Големината на создавање на една ваква условно независна институција е идеја која нас не водеше низ различни фази. На крај дојдовме со идеја тоа да биде Театар Фабрика, да се отвори со еден култен македонски текст, првата македонска современа граѓанска драма.
Оформувањето на Театар Фабрика значи еден наш придонес за македонската независна театарска сцена која сметаме дека треба да се издигне на одредено ниво затоа што театарот сам по себе генерално се случува секаде, истакна Стеријовска.
Она што е крајната цел на Театар Фабрика, посочи таа, е да оствариме наш простор, да бидеме и со условно некоја географска одредница.
– Отворањето театар е еден свечен чин за нас и големината во него е на некој начин да се успее за да се издејствува имплементација на некаква визија. Театар Фабрика по премиерата со „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле ќе продолжи натаму со жанровски различни претстави кои ќе се обидеме да се продуцираат почесто за постојано да бидеме актуелни, рече Стеријовска, која смета дека големината на секој театар најчесто доаѓа од домашната драматургија.
Според неа, она што Коле Чашуле го оставил како наследство, како пишан збор, е нешто што не смее да се заборави. Стеријовска укажа дека како режисер решила да спроведе некакво ново современо читање на она што се вика македонска култна драматургија.
– „Вејка на ветрот“ е симбол за изгубен живот. Она што ние во нашето ново читање го кажуваме односно посочуваме, па и прашуваме, е дали воопшто мора да постои некаква судбинска одредница, да мора македонскиот човек да бара излез некаде надвор. Мислам дека Коле и како автор генерално се занимава со тоталитаристичкиот принцип како системски така и индивидуален. Со претставата ние прашуваме дали воопшто треба да се оди некаде таму надвор и таму да се бара излезот. Одењето таму надвор е нешто што генерациски во почетокот на 20 век во Македонија се пренесува како некој вид наследство, нагласи Стеријовска.
Актерот Рубенс Муратовски изрази задоволство што игра лик кој, како што рече, е еден од најубаво напишаните во македонската драматургија. – Сите четири лика се совршено напишани. Велат дека текстот, како и да го фрлиш, на нозе ќе се дочека. Кога се создава театар е како да учествуваш во создавање на црква, на држава. Токму затоа ми е бескрајно задоволство што учествувам во создавање театар и што работам со бескрајно талентирани млади луѓе, додаде Муратовски.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа каде ќе ги изведуваат претставите по премиерата, Стеријовска рече дека ќе истражуваат и натаму ќе бараат алтернативни простори и сцени низ градот и низ државата.
– Секаде каде што вратите ќе ни бидат отворени, ние ќе бидеме таму за да го кажеме своето, додаде Стеријовска.
Од Театарот Фабрика најавија уште една премиера која ќе биде за две-три недели.