Втората фестивалска вечер на Анимакс Скопје фест ќе започне со премиерна проекција на македонскиот филм, „Девојката што паѓа“ на авторот Владимир Лукаш, со почеток во 19.00 часот во Кино Фросина, МКЦ.
Петтото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ беше отоврено вчера со филмот на македонскиот аниматор Жарко Иванов, „Кружното патување на Марето“.
Настанот беше обележан со изложба на работните материјали, цртежи кои го илустрираат процесот на работа на Иванов, од првите скици до финален производ.
На отворањето публиката можеше да проследи проекција на 11 краткометражни анимирани филмови од официјалната конкуренција кои се борат за наградите Златна, Сребрена и Бронзена Тула.
Во Кинотека на Македонија беше прикажан долгометражниот анимиран филм „Манијајца: осветата на тврдоварениот“ со времетраење од 90 минути, како дел од ревијалната програма на Анимакс Скопје Фест.
Третата фестивалска вечер публиката ќе може да ја проследи проекцијата на филмот „Човекот кој не сакаше да умре“ на македонскиот аниматор Гоце Цветановски.
Во наредните денови, освен проекции на филмови, на програмата на фестивалот се и дискусии, работилници и други настани поврзани со анимацијата.