Филхармонија одбележува 100 години од раѓањето на Бернштајн

Од:

Овој четврток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе го одржи симфонискиот концерт „Бернштајн 100“, со кој ќе се одбележи сто годишнината од раѓањето на еден од највлијателните американски композитори и диригенти, Леонард Бернштајн. Под диригентство на врвниот маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија, ќе бидат изведени две дела од неговиот богат опус – симфониската свита „На брегот“ и Три танцови епизоди од мјузиклот „Во градот“.

Солист на концертот е еден од најголемите виртуози денес, германско-францускиот виолончелист Николас Алтштед, кој за првпат во Македонија ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар од англискиот композитор Вилијам Волтон.

Композиторот, диригентот и пијанистот Леонард Бернштајн (1918-1990) е еден од првите американски диригенти кој постигнал светска слава. Добитник е на повеќе „Еми“ награди и се смета за една од највлијателните личности во историјата на американската класична музика. Диригирал со скоро сите големи американски оркестри, а од 1958 до 1969 бил диригент на престижната Њујоршка филхармонија. Создавал дела со изразени карактеристики од американската култура, проткаени со елементи на џезот – симфонии, опери, балети, концерти, камерна и вокална музика, неколку мјузикли. Всушност, светската слава ја стекнал токму со мјузиклот „Во град“ (1944), но и со „Приказна од западната страна“, и двата снимени и во филмска верзија.

Николас Алтштед е еден од најбараните уметници денес. Како солист, но и како диригент и уметнички режисер, тој постојано ја освојува публиката изведувајќи дела од периодот на барокот, па се до современите творби. На почетокот од сезоната 2017/2018 година, Алтштед премиерно го изведе новиот Концерт за виолончело на врвниот фински композитор Еса-Пека Салонен на фестивалот во Хелсинки, под диригентство на самиот композитор. Тој е уметник во фокусот на Концертгебау (17/18) и резидентен артист во престижната Елбфилхармонија во Хамбург (18/19), каде настапи со диригентите Кшиштоф Урбански, Хану Линту и Кристоф Ешенбах. Неговите понатамошни ангажмани ги вклучуваат и дебијата со Симфонискиот оркестар на Детроит, со Симфонискиот оркестар Јомиури Нипон во „Сантори хол“, Финскиот радио-симфониски оркестар, Хелсиншката филхармонија, Концертхаус оркестарот во Берлин со маестро Јурај Валчуха, Националниот оркестар на Белгија… Награден со Кредит Свис за Млад уметник во 2010, Алтштед е запаметен од јавноста по неговата врвна изведба на Концертот од Шуман со Виенската филхармонија, под диригентство на Густаво Дудамел на фестивалот во Луцерн. Оттогаш настапува со оркестри како „Тонхале“ во Цирих, Финскиот радио-симфониски оркестар, Чешката филхармонија, Симфонискиот оркестар „Чајковски“, Симфонискиот оркестар во Токио, Мелбурн и Нов Зеланд симфониските оркестри, со диригенти како Сер Роџер Норингтон, Лахав Шани, Владимир Ашкенази, Сер Невил Маринер, Владимир Федосеев, Фабиен Габел, Џовани Антонини, Андреа Маркон, Александар Шели… Николас Алтштед постојано настапува и како рецитален уметник, соло или заедно со врвните пијанисти Фазил Сај (со кого годинава издаде ЦД) и Александар Маџар, на турнеи низ Европа, САД и Австралија, но и како камерен музичар. Во 2012 година, беше избран од страна на истакнатиот виолинист Гидон Кремер, да стане негов наследник – нов уметнички директор на Фестивалот на камерна музика во Локенхаус, а во 2014 диригентот Адам Фишер ќе му понуди да ги следи неговите стапки, како уметнички директор на Хајдн филхармонијата. Неговото најново ЦД со концерти од Карл Филип Емануел Бах издадено за „Хајперион“ ја доби наградата на Би-би-си музичкиот магазин (2017), а неговите претходни снимки на концертите за виолончело од Хајдн, Шуман, Лигети, Шостакович и Вајнберг се високо оценети од страна на критиката ширум светот. Свири на виолончело Џулио Чезаре Џиљи од 1760 година. Алтштед постојано изведува премиерни дела од современи композитори.

Тимоти Редмонд студира обоа на Кралскиот северен колеџ за музика, а подоцна се усовршува на мајсторски курсеви по диригирање со Јан Паскал Тортелије, Иља Мусин, Џорџ Хрст и Пјер Булез. Од 2006 година маестро Редмонд е шеф-диригент на Филхармонијата на Кембриџ и диригира со сите водечки британски оркестри, меѓу кои и со Лондонскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, оркестарот на градот Алстер, филхармониските оркестри на Би-Би-Си. Кариерата го води во Франција, Белгија, САД, Финска, Босна и Херцеговина, каде што диригира со оркестри и работи на оперски продукции. Во САД, маестро Редмонд работеше и како диригент на подготовките на нова опера базирана на приказната „Чарли и фабриката за чоколада“, а од неодамна ја збогатува сопствената дискографија снимајќи компакт-диск со француската виолончелистка Офели Гајар за „Наив рекордс“. Пред неколку години дебитира во театарот „Марински“ од Санкт Петербург, диригирајќи ја руската премиера на современата опера „Напудри го нејзиното лице“ од Томас Адес, која претходно ја диригира во Кралската оперска куќа, „Ковент гарден“ во Лондон. Оперските ангажмани вклучуваат продукции во англиската Опера норт, Англиската туринг опера, Операта на Тенерифе, Фестивалот Глајндборн, Операта во Стразбур и Фламанската опера. Во сезоната 2009/10 дебитира во САД со операта на Сент Луис и повторно настапува во Кралската оперска куќа „Ковент гарден“ во Лондон. Во иднина го очекува премиерата на операта „Напудри го нејзиното лице“ од Томас Адес во Англиската национална опера.

Би можело да ве интересира

В четврток свечено отворање на роденденската сезона на Македонска филхармонија

„Легендите живеат вечно“ – концерт во Филхармонија

Македонска филхармонија гостува во Дубровник

Концерт на „Мизар“ и „Хармосини“ во Македонска филхармонија

Aнгелина Димовска-Миташева нова директорка на Филхармонија

Вработените во Филхармонија бараат разрешување на в.д. директорот Лазаровски