Фестивалот ПРО-ЗА Балкан посветен на жртвите на поплавите на Балканот

Од:

Фестивалот ПРО-ЗА Балкан ќе биде отворен утре во Младинскиот културен центар, во 20 часот, а бидејќи се работи за фестивал кој ја слави прозата на балканските простори кои беа погодени од неодамнешните поплави, на отворањето ќе им биде оддадена почит на жртвите во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска со едноминутна тишина, во присуство на авторите од настраданите земји.

На свеченото отворање ќе говорат писателите: Даша Дрндиќ од Хрватска, добитник на наградата “Прозарт” што фестивалот ја доделува на истакнат автор од Балканот за авторски допринос кон развојот на балканската книжевност; Алеш Чар од Словенија; Марио Леви од Турција; Драги Михајловски од Македонија; Слободан Шијан од Србија и Ненад Величковиќ од Босна и Херцеговина.

За Драги Михајловски ќе говори овогодишниот селектор на македонскиот писател, Венко Андоновски. За писателите од странство ќе говорат уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев и членовите на уметничкиот совет Елизабета Шелева и Ермис Лафазановски. По завршувањето на првата вечер посетителите ќе имаат можност да набават книги од повеќето автори со нивен потпис. Веќе од среда, ќе започне првиот литературен пазар во Македонија, кадешто десетина издавачи од Македонија ќе им претстават повеќе од дваесетина наши писатели на членовите на првата „Скопје фелоушип“ програма.

Меѓу нив, како што претходно беше најавено, е светски познатиот литературен скаут, една од најпознатите во издаваштвото, скаут за „Пингвин“, за „Рандом хаус Канада“ и уште многу други – Ен Луис Фишер од Велика Британија. Во Македонија доаѓа и Сузан Кертис – Којаковиќ, веројатно единствениот специјализиран издавач за литература од Балканот во Велика Британија. За важноста на Кертис – Којаковиќ говори и податокот дека веќе на 13 јуни во соработка со престижната Британска библиотека организира извонредно важен настан насловен Балкански ден на кој ќе учествуваат Дубравка Угрешиќ, Владислав Бајац, Андреј Николаидис… (http://www.bl.uk/whatson/events/event159888.html).

Се надеваме дека по посетата на Македонија Кертис – Којаковиќ ќе се инспирира и соработува и со нашите писатели. Таа важи и за издавач што обрнува големо внимание и на промоција на преводите на нејзините книги, па во Лондон редовно организира промоции во присуство на нејзините автори често во соработка со министерствата за култура од земјите од Балканот. Нејзините автори не ретко добиваат и рецензии во престижни лондонски медиуми. Преводи од Истрос букс, исто така, влегле во избор за престижната Даблин Импак награда. Во Скопје доаѓа и Лајтес Лусиен, сопственик на Унионсферлаг (http://www.unionsverlag.ch), швајцарскиот издавач на нобеловците Мо Јан и Нагиб Махфуз (уште пред да ја добијат Нобеловата награда за литература), на Гиљермо Арага, Асли Ердоган, Радјард Киплинг, Адам Загајевски… Унионсферлаг е издавач од Цирих, Швајцарија, а издаваат книги во превод на германски јазик. Унионсферлаг го преведе и “Времето на козите“ од Луан Старова.

Организатор на интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан е издавачката куќа Икона. Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура, од амбасадата на Република Словенија, а логистички е помогнат од Европската Унија, амбасадата на Република Хрватска, амбасадата на Република Србија, амбасадата на Босна и Херцеговина, Младински културен центар, град Скопје и други.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Доаѓа документарен филм за Елтон Џон: „Приказната што досега не била раскажана“

Предраг Петровиќ

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ