Потврдено е првото име од програмата на OFFest 2019 – неприкосновената африканска дива Фатумата Дијавара. Една од водечките и најекспонираните претставнички на модерната африканска музика, Фатумата Дијавара со гордост го почитува и негува богатото музичко наследство на Мали и воопшто Африка, но со сопствена визија за иднината, оригиналност, инвентивност и подготвеност за експериментирање.
Нејзиниот спектакуларен деби албум “Fatou” (2011) ја лансираше како една од најатрактивните и највозбудливите нови ѕвезди на африканското музичко небо. Вториот албум “Fenfe” (2018) само ги потврди нејзините несомнено високи артистички, композиторски, пејачки и свиречки квалитети и го зацврсти статусот на една од најхаризматичните појави на африканската музика денес.
Иако млада, таа веќе има соработувано со некои од најзначајните имиња на современата музика: Херби Хенкок, Боби Вумек, Пол Макартни, Дејмон Албарн, Роберто Фонсека, Амаду и Мариам, Уму Сангаре, Тумани Дијабате и други.
Позната е и по своите улоги како актерка во неколку филмови (меѓу кои наградуваниот „Тимбукту“), но и по својот општествен ангажман и активизам. Концертот на Фатумата Дијавара во Скопје е закажан за 5 јуни, а информациите за местото на одржување и билетите ќе бидат објавени дополнително.