Со настап на унгарскиот композитор, импровизатор и виртуоз на виолина Феликс Лајко, во петок во киното Фросина почнува годинашниот ОФФест.
До 5 јуни љубителите на добриот звук ќе имаат можност да уживаат во фадо, етио-џез, фламенко, кореански микс на традиционалното и модерното, афро-бит, фанки рок и соул,…
Фестивалот во рамки на 13. издание ги носи легендарниот Мулату Астатке, Јупитер&Окуес интернешнал, Кареминхо, Геомунго фактори, Лас Мигас. Меѓу гостите се и добро познатиот словенечки пеач и кантавтор Зоран Предин, како и битолскиот состав Фолтин.
ОФФест ќе се одржува на повеќе локации – Универзална сала, МОБ, Кино Фросина и клубот Станица 26.
Лајко, способен да свири секаков стил без каква било категоризација, на сцената во кино Фросина ќе биде придружуван од неговиот колега и постојан соработник Антал Браснио.
На 1-ви јуни во Универзална сала е „таткото на етио-џезот“,Астатке. Музичар и аранжер, школуван во Лондон, Њујорк и Бостон, свири вибрафон, конги, клавијатури, органа,…, комбинира џез и латино со традиционална етиопска музика. Астатке е првиот африкански музичар примен на престижниот музички колеџ Беркли кој во 2012 година му ја дава и почесната титула Доктор по музика.
Истата вечер настапуваат и Фолтин со нивните специјални гости Васко Атанасовски, Наталио Суед од Холандија и Марјан Станич од Словенија. Нивната заедничка изведба е всушност проект кој произлезе од соработката на три интернационални фестивали.
Во вторник, на 3-ти јуни, Станица 26 е резервирана за „бунтовниот генерал“, симболот на музичката сцена на Конго, Јупитер Боконџи кој на Киншаса и го врати приматот на главен град на африканската музка. Конгоанска румба со фанк и урбан грув ќе понуди музичарот кој повремено потсетува на африкански Џејмс Браун.
Јужнокореанките Геомунго фактори, „крстени“ по стариот инструмент со четири жици од свила на кој се свири со кусо бамбусово стапче, настапуваат во МОБ на 4-ти јуни. Корените на музиката што ја негуваат се од четвртиот век, но вешто ја комбинираат со новото, современо. Експериментирајќи, порачуваат дека традиционалното и современото се два концепта кои меѓусебно не се исклучуваат.
Предин, придружен од извонредниот хрватски состав „Дамир Кукурузовиќ Џанго груп“ ќе ја претстави концертната програма во која преовладуваат џипси-свинг стандардите, но ќе направи пресек и на најголемите негови хитови.
ОФФест завршува со настап на Кармињо, најголемата нова ѕвезда на португалското фадо, како и со концертот на фламенко атракцијата од Шпанија, инспиративниот женски квартет „Лас Мигас“, во МОБ.
Во рамки на фестивалот ќе биде прикажан и документарниот филм „Јупитерс денс“, приказна за животот на музичарите во Конго раскажана преку патување низ гетата на Киншаса.