На петтото издание, кое ќе се одржува од 18-ти до 23 октомври, „Џифони Македонија“ ќе биде централен фестивал на италијанскиот бренд „Џифони Искуство“ (Giffoni Experience) во овој регион. Ќе има проширена програма и нови локации, учесници од повеќе од 20 земји, а првпат годинава на фестивалот ќе бидат вклучени и деца од шест до десет години.
Уметничкиот директор на италијанскиот фестивал „Џифони“, Клаудио Губитози денеска на средба со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека го исполниле ветувањето од минатата година дека „Џифони Македонија“ ќе стане регионален центар за филмови и едукација низ дебати за млади од светот.
– Овде постојат услови за одличен проект, но и ние ги исполнивме ветувањата за зајакнување на поддршката на „Џифони Македонија“. Ќе организираме разновидни активности, ќе разговараме за деликатни теми што ги засегаат младите. Нема да ги откривам сите новитети, но децата, младите и нивните семејства ќе имаат централно место во нашиот проект. Планот е сето тоа што со години го правиме во Италија, доследно да го пренесеме во Македонија, рече Губитози. Додаде дека успехот на „Џифони Македонија“ се должи на одличната соработка со Министерството за култура, Агенцијата за филм на РМ, училиштата во Скопје, како и сите други соработници кои овозможиле проектот да се прошири низ градовите во Македонија.
Министерката за култура Елизабета Канчека-Милевска истакна дека во изминатите четири години покрај организирањето на фестивалот во Македонија, по девет млади од земјава имаа можност да учествуваат во жирито на фестивалот „Џифони“ во Италија кој, како што рече, е голем италијански бренд во филмот и културата.
– Директорот Губитози ме информираше дека е многу задоволен од она што се случуваше во изминатиот период, од нашето професионално делување и сето она што го вложивме во фестивалот, така што од оваа година „Џифони Македонија“ добива заслужено место за централен настан, веднаш по фестивалот „Џифони“ во Италија и ќе стане регионален центар. Овој фестивал има важна мисија – едукативна и негување на вистинските вредности кај младата популација преку филмот. Досега беа вклучени млади на возраст од 10 до 18 години, а сега веќе се вклучуваат и деца од 6 до 10 години заедно со нивните семејства, рече Канческа-Милевска по средбата со Губитози.
Годинашниот „Џифони Македонија“ ќе се совпадне со Неделата на италијанскиот јазик и култура во светот, која ќе биде посветена на кинематографијата. Во функција за настаните, меѓу кои ќе има и многу придружни, ќе биде ставен и новиот Дом на културата во Кисела Вода.
Италијанскиот амбасадор Карло Ромео се заблагодари за вниманието што министерката Канческа-Милевска, како што рече, го посветува на соработката меѓу Македонија и Италија во областа на културата и за нејзиниот придонес во градењето на фестивалот „Џифони Македонија“.
– „Џифони Македонија“ е меѓу најдобрите примери за одличната културна соработка меѓу двете земји, истакна Ромео.
Извршниот директор на „Џифони Македонија“ Дарко Башески рече дека фестивалот станува главен приоритет по главниот настан на „Џифони“ кој во јули се одржува во Италија.
– Проширувањето на програмата и на бројот на учесници, од досегашните осум до десет земји, сега ќе учествуваат од дваесетина земји, и фокусирањето на деца од шест до десет години, го води фестивалот на ново ниво и негово поставување како значаен центар на фестивали за млади во регионот, рече Башески.
Според директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија, Мими Ѓоргоска-Илиевска, по четирите изминати изданија, денес се зборува за успешна реализација на идејата што пред пет години Губитози ја донел во Македонија. Овој проект, рече таа, многу значи за културната соработка меѓу Македонија и Италија и за развој на филмската култура, пред се, на најмладите, кои се и негова целна група.