Локомотива – центар за нови иницијативи во уметноста и културата во партнерство со Културната мрежа „Оракл“ од денеска до недела го организира 22-то издание на „Оракл“ – Меѓународен конгрес на менаџери во културата и културни оператори.
– Првично, конгресот беше замислен како културен настан што треба да се одржи во Скопје, во Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и култура, со меѓународни и локални учесници кои ќе споделуваат идеи, знаење и искуство во врска со најновите предизвици во културата и нивното влијание врз различни социо-политички контексти. Сепак, соочувајќи се со пандемијата на Ковид-19 и следејќи ги мерките и препораките за превенција и заштита од вирусот, партнерите одлучија да го организираат конгресот онлајн, наведоа од Локомотива.
Организиран како тридневен онлајн настан (11-13 декември), „Оракл“ – Меѓународен конгрес на менаџери во културата и културни оператори ќе понуди платформа за размена и шанса за учесниците од различни меѓународни контексти да ги запознаат културните практики, политики, институции, како и културните оператори од Северна Македонија и спецификите на контекстот во кој се развива културата. Покрај тоа, учесниците ќе имаат можност да разменуваат и презентираат идеи, бидејќи програмата е предвидена да стави голем акцент на заедничката дискусија и рефлексија.
Овогодинешната тема на „Оракл“ – Меѓународен конгрес на менаџери во културата и културни оператори е Ди:Визија. Се смета како измислен термин од две спротивставени сили, тема што поврзува два аспекта на културата денес, исто така релевантни и за општеството како целина, кои се занимаваат со социјалните, политичките и економските поларитети, од една страна, и визијата за подобра, порамноправна иднина во солидарност, од друга страна.
Програмата на конгресот ќе опфати серија онлајн дискусии, предавања, презентации и работилници, организирани во комбинирани сесии (затворени и отворени за јавност).
Од програмата отворена за јавност, конгресот ќе понуди:
Две отворени дискусии, едната со регионален аспект на тема: “(Како) Да дејствуваме Сега? – Современи културни политики на Балканот”, со учесници од регионален и локален контекст – креатори на политики, претставници на владини тела и јавни институции; другата со локален аспект на тема: “Кому му е грижа за културата ? – околности во локалниот контекст” со учесници од локален контекст – претставници на јавни институции во културата и граѓански организации.
Предавање на проф. д-р Милена Драгичевиќ Шешиќ (Србија) на тема “Како да се надминат културните поделби во нелибералните општества: за нова етика на грижа и солидарност”
Презентација на Дуња Бенслиман (Мароко) на тема “Како да им помогнеме на луѓето во опасност и на организациите кои дејствувале против власта, презентација”
Презентации и разговор на тема: “Култура на заедничко дејствување против агресивни политики” на Лидија Маковска, експерт за културни политики и политики за еднаквост/човекови права, овластен тренер против дискриминација, менаџер во културата (Полска) и Уранија Пировска, Заменик-член на Агенција на Европската Унија за фундаментални права, член на Комисијата за помилување на Претседателот на државата и член на Националното координативно тело за недискриминација (Северна Македонија).
Претставување на различни проекти, проектни идеи и иницијативи од домашни и меѓународни културни оператори со цел поврзување и развој на нови партнерства, како дел од #IntroSpace – Платформа за размена на идеи.
Дополнително како дел од програмата која ќе биде затворена за јавност ќе се реализира “Ко-Креација”, работилница со Филип Пар (Англија), на која ќе земат учество лицата пријавени на отворениот повик за оваа работилница, и генералното собрание на членовите на Културната мрежа „Оракл“.
„Оракл“ – Меѓународен конгрес на менаџери во културата и културни оператори го организираат Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и Културната мрежа „Оракл“, со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија.