Со музика од африканскиот континент вечер завршува годинашниот 16. Оффест. Во Дансинг салата на Младинскиот културен центар од 20.30 и од 22.30 часот се концертите на Кинг Ајисоба од Гана и Нура Минт Сејмали, водечки уметник од Мавританија.
Претходно, од 19 часот во кино Фросина ќе биде прикажан документарниот филм „Секоја песна има свој крај“, посветен на културолошкото богатство на традиционалната музика од Мали.
Кинг Ајисоба ги соединува ритмите на минатото и сегашноста и прави екстреми – од енергични до нежни, смирувачки тонови, прави микс на традиционалните инструменти со електронска музика, хип-лајф (популарен стил во Гана од хип-хоп и хај-лајф). Во МКЦ ќе настапи со специјалниот гостин Зеа од познатиот пост-панк бенд „The Ex“, кој е продуцент на новиот албум на Ајисоба.
Публиката ќе слушне како звучат мавританските инструменти ардин и тидинит со ѕвездата од Сахара, Нура Минт Сејмали.
Инспириран од вонвременскиот репертоар на маварските гриоти, посебна каста поети и историчари, бендот на Сејмали предизивкува бура од хипнотички ритми и психоделичен рок бенд.
Годинашното издание на ОФФест почна во четвртокот со извонредниот Дамир Имамовиќ од Босна, најпознатиот изведувач на севдах, по кој „Љубојна“ го промовираше новиот, деветти албум, додека завчера настапија „Бела Чао“ и Жизела Жоао од Португалија. Концертите беа во Македонскиот народен театар.
Вчера во Дансинг салата на Младинскиот културен центар беа виолинистката и пејачка од северна Естонија Марја Нут, како и авангардниот корејски бенд „Блек Стринг“, додека полноќниот термин беше резервиран за данското ди-џеј дуо „Ден Сорте Сколе“ во Станица 26.