Во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица синоќа беа прогласени најдобрите филмски остварувања на годинашното 11-то издание на Интернационалниот фестивал на краткометражен, документарен и анимиран филм „Астерфест 2015“.
Паула Онет од Романија е годинашниот добитник на „Златната потковица“ за филмот „Како сакате“, втората награда или „Сребрена потковица“ ја доби Ане-Марике Графманс од Холандија за филмот „Нема ништо недоречено“, а наградата „Бронзена потковица“ ја доби филмот „Живеј војнику,живеј“ во режија на Кристен Гајнет од Руската федерација.
Годинешен добитник на наградата „Мувиленд“ е краткиот филм „Губење бои“ од турскиот автор Озан Ѓунен, а за најдобар анимиран филм е прогласен „Сладок кожурец“ во режија на група француски автори.
Во категоријата „Глобална фикција“ жири комисијата му додели пофалница на Немања Лазиќ од Србија за кусометражниот филм „Даб плеј“.
Специјалната награда за најдобро сценарио „Ѓорѓи Абаџиев“ ја доби Али Азгари од Иран за филмот „Повеќе од два часа“, а наградата за најдобар автор „Ацо Алексов“ ја доби режисерот Мет Киркби од Велика Британија за филмот „Телефонски повик“.
Стручното жири на годинашниот „Астерфест 2915“ на Ахмед Гомени му ја додели специјалната награда „Старозлатен проектор“ за филмот „Пештера“, а за „Најдобар краток филм“ беше прогласен филмот „Случајно“ на режисерот Жора Крижовников од Руската федерација.
Специјална пофалница на годинашниот „Атерфест“ доби и дебитантскиот документарец „Вујче“ во режија на Перо Кованцалиев.
Единасетото издание на „Астерфест“ кое годинава беше под мотото „Еден филм насекаде – сите на Астерфест“ за директорот на Фестивалот, Горан Тренчовски беше убава можност струмичката и македонската филмска публика да се запознае со најновите случувања во светот на краткометражниот, документарниот и анимираниот филм на светско ниво.
„Астерфест 2015“ завршува вечерва со проекција на сите наградени филмови.