Доделени наградите на 12. филмски фестивал „Астерфест“

Од:

Краткиот игран филм „Соседот на горниот кат“ на Поја Бадкобех (Иран) е добитник на Златната потковица на Интенационалниот филмски фестивал „Астерфест“, што се одржува во Струмица.

Официјалното жири во состав Русомир Богданоски, Нарциса Даријевиќ Марковиќ и Николас Нојхолд, Сребрената и Бронзената потковица ги доделија на македонскиот документарен филм „Осветлена темнина“ на Арсим Фазлија и на ирскиот игран филм „Пелтек“ на Бенџамин Клири.

Одлуките, стручното жири ги донело врз основа на уметничкото влијание на филмовите, оценувајќи ги како топли, човечки приказни, кои во потполност го изразуваат годинашното мото „Мали приказни- голем ум“.

– Првпат сме во Струмица, изненадени сме од „Астерфест“, од публиката која знае да ги вреднува и овие уметнички форми. Наградата ќе ни биде понатамошен поттик да продолжиме да твориме, рече режисерот Арсим Фазлија.

Официјалното жири на анимиранитот филм „Кружно патување на Марето“ на Жарко Иванов од Македонија, му додели наградата Старозлатен проектор.

– Благодарам на наградата, особено што во филмот се третира историјата на оваа уметност. Пред неколку години дојдов во Струмица со првиот филм од трилогијата „Кружно патување на сенката“ и добив специјално признание од жирито. Годинава со вториот филм го добив Старо-златниот проектор. Се надевам дека со третиот филм, кој е веќе во подготовка „Кружно патување на монахот“ ќе стигнам до златната награда, рече режисерот Иванов.

Авторската награда „Ацо Алексов“ ја доби документарниот филм „Циркус Дебре Беран“ на Лукас Бергер (Португалија/Германија. Наградата за сценарио „Ѓорги Абаџиев“ замина за играниот филм „Син“ на Филип Сотниченко (Украина). За најдобар краток игран филм е прогласен филмот „Никулец“ на Барни Фрајдман (Белгија/Франција). Анимираниот филм „Приказна за мечето“ на Габриел Осорио Вергас од Чиле беше прогласен за најдобар во својата категорија.

Жирито додели и три специјални дипломи, на филмовите „Опсег на можности“ на Кристина Пичи (Канада/Шведска/Италија), на документарниот филм „Сипаници“ на Фулвио Рисулео (Италија) и на анимираните филмови „Цртежи на карпи“ на Енрико Диего (Шпанија) и на „Маѓепсаниот Гучо“ на Дариа Копиец (Полска).

Специјалното жири во состав Зоја Бузалковска, Коле Малинов и Никола Сарајлија во категоријата „Мувиленд“, која годинава ја претставува израелската кинематографија, ја додели наградата за најдобро филмско остварување на филмот „Мили Боже“ од авторите Ерез Тадмур и Гај Натив.

Дванаесеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ завршува утре, со проекција на македонскиот филм „Жед“ на Димитрие Османли и на „Тувалу“ во чест на еден од годинешните лауреати. На фестивалот пристигнаа филмови од 17 држави, во официјална конкуренција се бореше 21 филм, 12 се во ревијалната програма, а „Астерфест“ годинава понуди и четири долгометражни филмови.

Би можело да ве интересира

Доделени наградите на „Астерфест“

„Астерфест“ почнува утре со филмот „Телефонско дежурство“

Ана Ололовска

„Златна потковица“ на „Астерфест“ за македонскиот анимиран филм „Кружно патување на монахот“

Ана Ололовска

Во Струмица отворен Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Ана Ололовска

Во Струмица почнува Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Ана Ололовска

Наградата „Астер“ за Данчо Чеврески

Ана Ололовска