Дигитализирани ориенталните ракописи во НУБ „Св. Климент Охридски“

Од:

Тим експерти од Турција ја зачуваа целокупната збирка на ориентални ракописи што ја поседува Националната и универзитетска бибилотека „Св. Климент Охридски“. Од средината на јуни до овој месец дигитализираа 3.544 ракописни книги и околу 1.000 листови со фрагменти или околу 900.000 страници.

На реставрацијата работеа пет стручни лица и шест технички персонал кои со пет дигитални камери успеаја да го заштитат обемниот книжен материјал кој беше во депоата на НУБ. Ракописите се напишан на арапски, турски или на персиски јазик и потекнуваат од 12-ти до 20 век.

Зафатот е комплексен и скап и беше спроведен во соработка со Институтот „Јунус Емре“ од Анкара и Библиотеката за ракописи „Сулејманија“ од Истанбул со парична помош од Централната банка на Турција.

Се работи за меѓународен проект „Конзервација и ревитализација на културното наследство на Балканот“ во кој со турска експертска и финансиска помош се реставрираат и ориенталните ракописни збирки во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово и Албанија, со крајна цел книжниот фонд од отоманскиот период да биде достапен за јавноста. Тие ќе бидат во дигитален архив и за полесен пристап до нив ќе се подготви и каталог.

Завршувањето на првата фаза од проектот денеска беше свечено одбележано во НУБ, со врачување благодарници за учесниците од Македонија во процесот на дигитализација, а во следната фаза од Турција е обезбедено тројца да заминат на четиримесечно стручно усовршување во истанбулската библиотека „Сулјеманија“.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорот на НУБ Миле Бошески добија од Институтот „Јунус Емре“ плакети за нивната заложба за проектот. Канческа-Милевска се заблагодари за помошта од Турција зашто, како што рече, се работи за проект со цивилизациска вредност а не само од значење за двете земји.

– Нашата долгогодишна соработка и пријателство ја потврдуваат и унапредуваат реализацијата на овој проект. Од огромна важност е што Владата донесе Стратегија за дигитализација на книжното културно наследство која веќе се реализира, а од која дел е изградбата на нов дел од НУБ со опрема за дигитализација на вредното книжно наследство. Многу е значајна и можноста за наши експерти да се обучуваат во Турција, што ќе биде важно за натамошно следење на процесот на дигитализација во НУБ, истакна министерката за култура.

Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ Бошески рече дека е постигната основната цел – да се заштити оригинално културно наследство за сегашните и за идните генерации и обезбедување пристап за научниците во светот.

Раководителот на стручниот тим експерти д-р Невзат Каја истакна дека делата се светско богатство, а не наследство само на Македонија или на Турција.

– Со овој проект ние го продолжуваме животот на значајни дела кои се оштетени и со нивно дигитализирање ќе спречиме нив да ги снема. Имаше неколку дела кои по 30 или по 40 години веќе не ќе можеа да се читаат, рече Каја.

Проектот го поздравија и потпретседателот на Институтот „Јунус Емре“ Шереф Атеш и амбасадорот на Турција во Македонија Ѓурол Сокменсуер.

Македонската е меѓу најбогатите ориентални збирки на Балканот, со околу 5.000 ракописи, од кои повеќето се многу стари и ретки. Тие на арапски се, главно, со религиска содржина, но има и од областа на правото, додека турските се претежно збирки поезија. Според стручните лица од Турција, во споредба со другите земји, ориенталните ракописи во Македонија се најдобро зачувани.

Ракописите најпрво се попишуваа, се утврдуваа нивните автори и насловите, јазикот на кој се напишани, како и степенот на оштетеност. Подобро зачуваните веднаш се дигитализираа, а останатите претходно се ревитализираа и се заштитуваа со конзервација.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање