Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ по повод патрониот празник денеска ќе организира 9. Научна средба на тема „Свети Климент Охридски – 1100 години духовен светилник“.
На средбата ќе учествуваат професори и познавачи на делото на големиот просветител: Стојан Ристески, Елизабета Димитрова, Ѓоко Ѓорѓевски, Милош Линдро и Ана Ѓорѓевиќ.
Во рамки на свеченоста ќе биде отворена и изложба на избрани публикации со текстови од св. Климент Охридски и книги и статии посветени на неговото творештво објавени во Македонија и странство, заедно со неколку уметнички дела на кои е претставен неговиот лик.
Како што информира НУБ, на отворањето на изложбата посетителите ќе имаат ексклузивна можност да го видат и старословенскиот ракопис Струшки зборник со творба од св. Климент Охридски од средината на 16 век.
Поздравна реч ќе има директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Иван К. Заров, а програмата за одбележување на патронатот ќе ја збогати настапот на Византискиот женски црковен хор од црквата „Св. Петка“ во Скопје.
Како и во минатите години, по повод патронатот ќе бидат доделени и традиционалните награди за вработените и ќе биде положено цвеќе на споменикот на свети Климент Охридски во дворот на Библиотеката.