Десетти „Роднокрајни поетски средби“ во Струмица

Од:

Вечерва, во 20 часот, во новоотворениот клуб „Industrial“ (во близина на ОУ „Сандо Масев“), здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ ги организира јубилејните десетти по ред „Роднокрајни поетски средби“.

Станува збор за поетска манифестација која веќе редовно се одржува на различни локации во Струмица и струмичко и истата има за цел да ги промовира домашните автори по еден сосема уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап. Секој што пишува или има што да каже може да биде дел од овие средби, во иднина оваа манифестација ќе го прошири самиот формат, па освен поети, ова е идеално место да се претстават и луѓе кои се занимаваат со перформанс, stand up, слем поезија, free style изразување, MC-a и што уште не. Да се биде отворен кон сите нови форми на интерпретација е од исклучителна важност, со проширувањето на кругот на учесници ќе се создаде уште поширокогледа платформа.

Специјален гостин за десетите „Роднокрајни поетски средби“ е Дениса Дуран, поет, преведувач и културен менаџер од Букурешт, Романија. Таа минатата година беше дел од резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги Традуки и беше учесник на шестите „Роднокрајни поетски средби“. Дениса Дуран во моментов е на промотивна турнеја во Македонија (Скопје, Струга и Струмица) на која ќе биде претставена нејзината поетска збирка „Сè уште сум млада“, издание на „Антолог“. Препевот на збирката на македонски јазик е на Лидија Димковска. Дениса Дуран минатата година на романски го преведе Никола Маџиров при што неговите песни излегоа во неколку романски списанија.

– На десеттите „Роднокрајни поетски средби“ како гости со своја поезија ќе се претстават покрај локалните автори и неколку поети пошироко познати на книжевната сцена во Македонија, а освен нив ќе имаме можност да видиме и #OpenMic перформанси.
Специјални гости на десеттите „Роднокрајни поетски средби“ исто така ќе бидат струмичкиот хип хоп состав „Конфликт“ и dj Maggi со чиј електро сет ќе ја продолжиме целовечерната забава, велат организаторите.

Овој настан има за цел да ги зближи роднокрајните автори и да креира јадро за запознавање, презентација и промоција на истите, истовремено да и понуди на публиката автори од Македонија и странство кои досега не настапувале во градот, а ја имаат желбата тоа да го направат пред публиката која со будна уво и душа е спремна да го чуе секој нов стих напишан од оние кои се презентираат. Самата цел на настанот е доближување на творештво поблиску до читателите и афирмација на роднокрајното творечко перо.

Роднокрајни поетски средби досега биле домаќини на 50-тина локални автори и 10-тина етаблирани поети од Македонија и странство.

Десеттите „Роднокрајни поетски средби“ се дел од проектот на здружението „Контекст – Струмица“ кој е финансиски поддржан од Г1 програмата на општина Струмица за поддршка на здруженијата и фондациите за 2016 година.

Би можело да ве интересира

Кабаре – концерт за лажици и гитара на Раде Шербеџија и Ленка Удовички на фестивалот РУТА во Драмски театар

Јордан Симонов од МНТ најдобар актер на фестивалот „Албански театар во Македонија“

Предраг Петровиќ

Отворено јубилејното издание на фестивалот на европската култура „Букстар“

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Врачено признанието лауреат на актерот Ристановски и промовирана монографијата 15 години МТФ „Св. Јоаким Осоговски“

На „Браќа Манаки“ преставени кинематограферите Јошио Китагава, Азамат Дулатов и Јошико Такано