Најбогат по денови и по учесници е годинашниот, 17-ти фестивал на музика од светот Оффест, што ќе се одржува од 31 мај до 5 јуни на три локации, главно, во Младинскиот културен центар.
Фестивалската програма в четврток во Дансинг салата на МКЦ ќе ја отвори „Јупитер и Оквес“ од Конго, кои вторпат се гости на Оффест. Следниот ден, 1 јуни, ќе настапат единствените учесници од Македонија – „Фајтинг виндмилс“ кои ќе го промовираат новиот албум „An Exercise in Surprise“ а по нив американско-австралиско-турскиот состав „Диртмјузик“.
Четири концертни настани ќе има на третата фестивалска вечер, 2 јуни, која ќе почне со групата „Офичина Зое“ кои го негуваат народниот танц и музички стил „пицика“ од јужна Италија. По нив се „Ифрикија Електрик“ од Тунис со шаманско-индустриски-електро ритуал, а на крајот од саботната вечер во МКЦ ќе гостува пејачката Гаје Су Акјол од Турција која ќе претстави ориенатален рок. Од полноќ истата вечер во клуб „Епицентар“ ќе гостува диџеј Мукамбо од Белгија.
На 3 јуни во кино „Фросина“ во МКЦ музичката традиција од Раџастан ќе ја претстават „Бармер бојс“ од Индија, а по нив со специфичен аудиовизуелен перформанс ќе настапи француско-италијанскиот состав „Транс аеолиан трансмисион“.
Завршната вечер на 17. Оффест ќе биде на 5 јуни во Македонската опера и балет со настап на Уму Сангаре – африканска пејачка од Мали, која ја нарекуваат „песнопојна птица на васулу“ – популарен музички жанр произлезен од народните традиции во руралниот југозападаен дел на Мали.
– Не само што го држиме веќе историското ниво по квалитет на Оффест, туку и го надградуваме и една вечер има повеќе од Скопскиот џез-фестивал. Десет изведувачи, што е досега најголем број на овој фестивал, кои доаѓаат од сите меридијани и се познати насекаде во светот, рече директорот на фестивалот Оливер Белопета на прес-конференција.