Денови на македонската култура во Шибеник

Од:

Денови на македонската култура денеска и утре се одржуваат во Шибеник, во организација на невладината организација „Хрватско-македонска тангента“ под покровителство на шибенскиот градоначалник Жељко Буриќ.

Настанот ќе почне вечер во Градската библиотека „Јурај Шишгориќ“ во 19 часот, со изложбата „Слика која зборува“ на Оливера Вапска, Македонка која живее во Шибеник и изработува слики во техника филигран со срмен конец.

Како што соопшти организаторот, на отворањето на манифестацијата ќе се обратат градоначалникот Буриќ, вршителот на должност во Амбасадата на нашата земја во Хрватска, Назиф Џафери, претседателот на „Хрватско-македонска тангента“, Сашо Георгиевски и директорот на библиотеката, Вилијам Лакиќ.

Деновите на македонска култура ќе продолжат утре со тркалезна маса на која ќе учествуваат писатели, поети, публицисти и новинари, а меѓу гостите се Анте Томиќ и Ренато Баретиќ од Сплит, Мираја Мајиќ од Задар, Даворка Блажевиќ од Шибеник, кои ќе дебатираат на тема „Екранизација на роман“. Попладнето ќе се одржи Поетско-музичка средба.

– Со оваа културна манифестација во услови на пандемија се одржува континуитет со традиционалните Зларински книжевни средби „Од остров на копно, кон остров на море“, која веќе шест години, секој мај, ја организира „Хрватско-македонска тангента“ во соработка со Град Шибеник, Министеството за туризам на Хрватска и Туристичката заедница на Град Шибеник, соопшти организаторот.

Поради ситуацијата со Ковид-19 оваа година изостана учеството на писатели и публицисти од регионот, вклучително и од Северна Македонија, но книжевноста од земјите ќе биде претставена преку претставници кои живеат и творат во Хрватска. Во рамки на манифестацијата предвидено е и претставување специјалитети од богатата македонска кујна.

Се планира Деновите на македонска култура во Шибеник да се одржуваат секоја година во октомври во духот на традиционалното хрватско-македонско пријателство во доименот на културата, уметноста и медиумската соработка.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање