Во НУ Центар за култура-Крива Паланка вечерва во 20 часот официјално ќе отпочнат „Денови на бугарскиот филм“ со проекција на „Патот кон врвот“, а на отворањето ќе присуствува и режисерката на филмот Валентина Фиданова Коларова.
Деновите на бугарскиот филм се дел од манифестацијата „Крива Паланка град на културата за 2013“, а ги организираат општина Крива Паланка и НУ Центар за култура, во соработка со Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Македонија.
Директорот на НУ Центар за култура Крива Паланка, Александар Рангелов, најави дека во тек се преговорите и со Францускиот институт во Скопје за остварување соработка и прикажување француски филмови во претстојниот период.
Во рамки на петдневната ревија бугарски филмови која ќе трае од 14 до 18 октомври ќе бидат прикажани и филмовите: „Љубовна мрежа/лав.нет“, „Подгревање на вчерашниот ручек“, „Прогноза“ и „Светот е голем и спасението демне отсекаде“.