Управата за заштита на културното наследство реагираше на денешните обвинувања на Роберт Алаѓозовски од СДСМ.
„Од денешната изјава на господинот Роберт Алаѓозовски најпрво може да се заклучи дека господинот Алаѓозовски нема елементарно познавање на археолошката терминологија. Иако во неколку наврати го спомена објектот Скупи, кој е всушност антички град, во контекст на неговиот квази политички памфлет, можеме само да претпоставиме дека се работи за античкиот театар во Скупи кој навистина е еден вид објект.
Во однос на рушење на дел од културното наследство господинот Алаѓозовски или е целосно неинформиран или изнесува невистини затоа што при досегашните и идните активности предвидени на и околу античкиот театар, ниту е, ниту смее да се руши никакви градби или елементи кои претставуваат културно наследство што навистина е забрането со закон.
Во врска со наведената делумна раконструкција на сценската зграда на античкиот театар, повторно господинот Алаѓозовски ја покажува својата неинформиранст и незапознаеност со активностите околу античкиот театар. Имено конзервацијата на сценската зграда е завршена во 2016та година, а на сценската зграда во моментов е невозможно да се направи целосно реконструкција од проста причина што на дел од сценската зграда се наоѓаат современи христијански гробишта.
Друго што може да се заклучи од изјавата е дека господинот Алаѓозовски нема основно познавање ниту на законите на Република ниту конзерваторско-реставраторските техники. Во врска со неговата изјава дека не се знае како точно изгледал античкиот театар во Скупи повторно треба на господинот Алаѓозовски да му нагласиме дека: На античкиот театар во Скупи во периодот од јуни 2013 година до мај 2016 година се извршени археолошки истражувања во кои целосно се истражи Театронот, Оркестрата, а Скената не се доистражи целосно со оглед на тоа што во нејзиниот северозападен дел се наоѓаат современите христијански гробишта. Истражувачкиот тим беше составен од врвните стручни и научни лица од областа на античките театри и за локалитетот Скупи и тоа: професори, доктори на науки, магистри, конзерватори, архитекти и археолози од Филозофскиот факултет, ЈУ Музеј на град Скопје, НУ Конзерваторски центар Скопје, НУ Археолошки музеј на Македонија, НУ Музеј на Македонија, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп, НУ Музеј на град Гевгелија и НУ за управување со археолошкиот локалитет Стоби. За време на археолошките истражувања се најдени оригинални седишта In Situ, коридори, влезови, степеници, оплати и слично со што се добија доволно информации за изгледот на театарот.
Исто така мораме да му препорачаме на господинот Алаѓозовски да се држи до книжевноста за која што учел, а археологијата и конзервацијата да им ја остави на стручните лица. Доколу веќе мора, како председател на комисија за култура на политичка пратија, да дава изјави од ваков вид, му препорачуваме предходно да се консултира со вистински стручни лица, а не само со неговите истомисленици по политичко убедување или членовите на комисијата на која припаѓа.
За крај на господинот Алаѓозовски му посакуваме успех во творењето“, се вели во демантот на Управа за заштита на културното наследство.