Најголемиот домашен летен фестивал – Д Фестивал оваа година ќе биде дел од европскиот проект „SMA“ чија цел е меѓу другото да поттикне создавање на одржливи инфраструктури во областа на креативните индустрии во периферните европски држави, поддржувајќи го економскиот и социјалниот раст на локалните и регионалните заедници.
– „SMA!” како акцелератор за поддршка на мали мултимедијални фестивали, цели во наредните три години да создаде одржлив модел за меѓународен развој, соопштија денеска од Пасворд продукцијата, посочувајќи дека преку стратегии за диверзификација и подобрување на управувањето и односите на засегнатите страни, ќе се постигне поголема конкурентност и привлечност во рамките на организациите за музички и културни настани.
Проектот, според организаторите, ќе поттикне создавање на одржливи инфраструктури во областа на креативните индустрии во периферните европски држави, поддржувајќи го економскиот и социјалниот раст на локалните и регионалните заедници.
Посочуваат дека во следните три години, преку реализација на предвидените проектни активности, “SMA!” ќе воспостави и имплементација на стратегија за развој и зајакнување на идентитетот на секој поединечен фестивал, како и професионални обуки за организаторите. Покрај тоа, охрабрена и овозможена ќе биде и мобилноста на организаторите, со цел стекнување искуство и учење како другите фестивали се справуваат со своите секојдневни предизвици.
Покрај Пасворд Продукција со Д Фестивал, во проектот се вклучени и претставници од Италија, Германија, Естонија и Шпанија: „Associazione Culturale Glenn Gould“ со „Ypsigrock Festival“, „MeltingPro, Raum 3“ со „Haldern Pop“, „Music Estonia“ и „Turismo Vivencial“.