Четврта награда за филмот „Хомо“ на меѓународните фестивали

Од:

Најновиот филм на Игор Иванов – Изи „Хомо“ во продукција на Скопје Филм Студио беше прикажан на фестивали на неколку континенти. Најновото признание за долгометражниот игран филм „Хомо“ (анг. „Only Human“) доаѓа од Waterfront Фестивалот на Интернационален Филм во Лаваса Индија, каде Игор Иванов ја освои Наградата за најдобра режија.

–„Хомо“ Светската премиера ја доживеа оваа година, на 51. ГОА ИФФ Индија, Европската премиера во рамките на 25. ИФФ Софија и Македонската – на СИНЕДЕЈС, сите значајни и меѓународно признати фестивали. До сега го прикажаа над десет фестивали во Канада, САД, Велика Британија, Индија, Романија, Србија, Бугарија, а доби награда и на фестивалите Gbeck Future Film Festival – Награда за Најдобар Филм, WorldFest-Houston International Film Festival – Бронзена Реми Награда и IndieFEST Film Awards – Награда за Извонредност Специјално Признание, информираат од Скопје Филм Студио.

Следната дестинација на „Хомо“ е Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, еден од најголемите филмски фестивали во францускиот регион Гранд Ест, во најпрестижната и најпосетената официјална селекција на Фестивалот – „Под ѕвездите“ и ќе биде прикажан под отворено небо во една од најдобрите киносали во Франција – „Камео“. Фестивалот ќе се одржи во периодот од 27 август до 5 септември 2021 година.

-„Хомо“ е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на шест главни ликови. Во ова филмско дело, режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби кои тивко, но полека го уништуваат општеството. Филмот прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И токму во оној момент кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов, се вели во соопштението од Скопје филм студио.

Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов – Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, шминката е на Аленка Нахтигал, снимател на звук Борис Трајанов, монтажа Мартин Иванов. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а ко-продуценти се Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала Филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Триггер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум Филм, Словенија). Хомо е финансиски поддржан од Агенцијата за Филм на Република Северна Македонија, Националниот филмски центар на Бугарија, Филмскиот центар на Србија, Косовскиот центар за кинематографија и од Словенечкиот филмски центар.

Во филмот играат: Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски од Бугарија, Себастијан Каваца од Словенија, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Мартин Манев, Славиша Кајевски.

Би можело да ве интересира

Филмот „Хомо“ на Игор Иванов на Интернационалниот филмски фестивал во Софија

Жарко Настоски