Околу 40 преведувачи учествуваат на 42. Меѓународна средба на книжевните преведувачи што денеска и утре се одржува во манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ во тетовското село Лешок. Учесниците се од Македонија, Северен Кипар, Србија, Црна Гора, Романија, Унгарија, Русија. Манифестацијата се одржува под покровителство на Министерството за култура.
– Преведувачите, толкувачите и терминолозите, незаменливи како посредници во меѓујазичниот и културен контекст, имаат посебна обврска во зачувувањето на повеќејазичноста и надминувањето на лингвистичките бариери помеѓу сите светски јазици, изјави Стефан Симовски, директор на Меѓународната средба на книжевните преведувачи.
Главна тема на симпозиумот беше „Македонскиот јазик во книжевниот превод“ со поттема „Од теоријата и практиката на книжевниот превод“. Беше посочено дека во Македонија е во тек проектот за превод на македонски јазик на 560 најзначајни книжевни дела, од Хомер до современи автори. Од овој потфат се реализирани и објавени 200 дела.
Меѓународниот митинг на преводната книжевност годинава е посветен на преводите на други јазици на поезијата на истакнатиот македонски поет Раде Силјан, а беа изложени и странските изданија на неговите стихозбирки.
Учесниците на средбата на книжевни преведувачи подарија илјада книги на библиотеката на манастирот во Лешок, а положија и свежо цвеќе на гробот на просветителот Кирил Пејчиновиќ.