Театарот „Марин Држиќ“ од Дубровник со претставата „Браќа Карамазови“ од Достоевски во режија на Дејан Пројковски ќе ја има честа да го затвори годинашното 53-то по ред издание на нашата најголема музичко-сценска манифестација – Фестивалот „Охридско лето“.
Режисерот Пројковски за неговата најнова поставка изјави дека се работи за претстава што зборува за човековите страсти, неговите пороци, за демоните во секој поединец…
– „Браќа Карамазови“ всушност е претстава која најмногу зборува за борбата што секој човек ја води во сопственото срце. Сите ликови во неа како да се заглавени во калта на сопствените страсти и пориви, со постојан обид да полетааат кон возвишеното, кон божјото, рече Пројковски.
Тој истакна дека во процесот на работата на претставата соработката со актерите толку добро се развивала, што сите почнале да го чувствуваат делото како интимна исповед на темата Бог, верувањето во Бога, дури и начинот како човек да го изоди тој пат во потрагата на Бога во себе.
Последното дело на Достоевски, кое некои го сметаат дури за недовршено, говори за семејството Карамазови, преполно со демони, со бреме, патила, состојби кои од една страна го опишуваат духот на времето во Петроград, но истовремено е еден вид вивисекција на човековите страсти и недоследности.
Актерот Фране Першин, кој го толкува ликот на Фјодр Карамазов, исклучително ја оцени соработката со режисерот Пројковски, огромната доверба што ја имал во актерската екипа, без агресивни решенија, со минималистички децентни режисерски зафати.
– Напишаниот збор на авторот Достоевски бара доверба во актерскиот израз. Тоа го добивме од Пројковски, капетанот на оваа пловидба, шефот на парадата кој исклучително зрело за својата возраст ја сработи претставата. Таа доверба публиката вечерва ќе има можност да ja види во самата претстава, рече Першин.
Актерот Владимир Посавец – Тушек за неговата потрага по ликот на Димитриј Крамазов изјави дека процесот на креирањето на улогите на големите автори како Шекспир и Достоевски, уметникот по нив треба да трча со своја идеја и независно од исходот на таа потрага, односно што и да се долови, притоа не може да се згреши зашто силината на напишаната мисла тоа го наметнува.