Овој четврток (21 декември) со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Бескрај“ на кој како солистка ќе настапи бугарската виолинистка Албена Данаилова, а диригент е маестро Најден Тодоров (Бугарија). На програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур од Јоханес Брамс и Симфонијата во де-мол од Цезар Франк.
Концертот за виолина и оркестар во Де-дур, опус 77, Јоханес Брамс го напишал во 1878 година и му го посветил на својот пријател, виолинистот Јозеф Јоаким. Ова е единствениот концерт за виолина што го напишал Брамс, кој според Јозеф Јоаким е еден од четирите најдобри германски виолински концерти. Концертот премиерно бил изведен во Лајпциг, на 1 јануари 1879, а Јоаким инсистирал на концертот да го изведе и Бетовеновиот виолински концерт. Двете дела биле слични, а Брамс, кој го диригирал концертот, не бил задоволен од одлуката на Јоаким.
Критиката била поделена по премиерата на концертот – дел од критичарите напишале дека Брамс не напишал концерт за виолина, туку концерт против виолината, алудирајќи на комплексноста на материјалот. И Хенрик Виењавски сметал дека концертот е неотсвирлив и премногу комплициран, а одбил да го свири и виртуозот на виолина Пабло Сарасате.
И покрај критиките на кои бил изложен овој концерт од Брамс, модерните слушатели многу често ова дело го доживуваат поинаку, не како мегдан на кој виолинистите ќе ги покажат своите технички перформанси, туку како комплексно музичко дело кое има повисоки цели.
Симфонијата во де-мол е ремек-дело на францускиот композитор Цезар Франк – финален тестамент што оставил траен белег во неговиот музички опус. По две години работа, Франк ја завршил симфонијата во август 1888 година, а таа премиерно била изведена во Парискиот конзерваториум, на 17 февруари 1889 година, под диригентската палка на Жул Гарсен. Франк му ја посветил оваа симфонија на својот ученик Анри Дупарк. И покрај поделените мислења на критичарите,оваа композиција е стожер во репертоарот на сите светски симфониски оркестри, иако статистиката говори дека многу повеќе се изведувала на почетокот од 20 век.
Музиката во оваа симфонија длабоко допира до слушателот со емоционалните елементи преку кои Франк звучно се обидува да продре длабоко во универзумот, со постојана потрага и истражување. Првиот став започнува со интродукција која кулминира во средниот став, кој за разлика од практиката, не е спор, ниту скерцо, туку микс во кој креира комплексна унија на мир и вознемиреност во исто време.
Албена Данаилова е родена во Софија,во семејството на виолинистот Бојан Данаилов и пијанистката Виолета Попова. Дипломирала виолина кај проф. Љубомир Пипков во Националното училиште за музика и на Академијата за музика „Панчо Владигеров“, во класата на проф. Нели Јелева и Дора Иванова. Лауреатка е на натпреварите „Светослав Обретенов“, Млади музички таленти, „Тибор Варга“ (Швајцарија), „Виторио Гуи“ (Италија) и др. Во 2001 година дипломира на Универзитетот за музика и театар во Росток, Германија, кај проф.
Петру Мунтеану, а го продолжува своето усовршување и со мастер-часови кај Ида Хендл и Херман Креберс, меѓу останатите. Истата година се вработува како втора виолина во Баварскиот државен оркестар, каде во 2003 година станува водач на први виолини, а во 2006 година – концерт-мајстор. Во сезоната 2003/2004 година, Данаилова свири и со Лондонскиот филхармониски оркестар. Албена Данаилова е прва жена која станува концерт-мајстор на познатата Виенска филхармонија, која важи за прилично конзервативна институција. Оваа позиција ја доби по аудицијата во 2008 година, односно по двегодишна работа во овој престижен светски оркестар. Данаилова има и успешна солистичка кариера, а воедно настапува и како камерен музичар. Редовно настапува во родната Бугарија, во Германија, Израел, САД. Од 2019 година работи и како професор по виолина на Државниот универзитет во Виена.
Повеќе од три децении Најден Тодоров достигнува нови врвови во разни жанрови и се наметнува како диригент на најпрестижните сцени во светот. Неговата професионална кариера почнува во пловдивското музичко училиште „Добрин Петков“, каде што на 16-годишна возраст дебитира како диригент. Студирал диригирање кај Крстју Марев и Александар Владигеров, од 1993 година бил студент кај Урош Лајовиц и Карл Остерајхер на Универзитетот во Виена, во 1996 година специјализирал на Музичката академија „Рубин“ во Ерусалим, кај Менди Родан. Магистрирал на Новиот бугарски универзитет, докторирал на Универзитетот во Лондон и на насоката културен менаџмент на Новиот бугарски универзитет. Првиот постојан меѓународен ангажман го добива во 1998 година, во Хаифа, Израел, каде што е избран, меѓу повеќе од 150 кандидати, за диригент на Симфонискиот оркестар на Северен Израел.
Следните години ги посетува најголемите културни центри во Европа, Азија, Африка и во Америка. Од 2000 година, на 26 години, е музички директор на Пловдивската опера и Филхармонијата. Во 2006 година дебитира со Берлинскиот симфониски оркестар и една година подоцна е поканет да диригира на турнеја во најголемите градови во Јапонија; во 2009 година го одржува својот прв концерт во салата „Чајковски“ во Москва, а во 2010 година дебитира во Виенската народна опера со изведбите на „Оревокршачка“ од Чајковски, со Виенскиот државен балет. Најден Тодоров диригирал стотици симфониски концерти, оперски и балетски претстави во Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Португалија, Велика Британија, Романија, Србија, Република Северна Македонија, Косово, Полска, Чешка, Словачка, Турција, Русија, Израел, Египет, Кина, Јужна Кореја, САД итн. Во 2019 година, Најден Тодоров вторпат е избран за музичар на годината, во 2020 година ја добива хуманитарната награда „Богдан Богданов“. Во септември 2022 година ја добива и наградата за култура на Град Софија.